Промоција на „Чувари на малите нешта“ од Ана Пејчинова

Поетска вечер во „Метаноја“ за новата збирка посветена на невидливите светови.

На 13 ноември 2025 (четврток), во 19 часот, Литературното кафе „Метаноја“ ќе биде домаќин на промоцијата на новата, четврта поетска збирка на Ана Пејчинова – „Чувари на малите нешта“, во издание на „Или-Или“. Настанот, кој веќе го привлекува вниманието на книжевната публика, ја претставува првата промоција на авторката по подолг период и го отвора прашањето како поезијата се обликува и расте во текот на повеќе од две децении творечка еволуција. За стиховите ќе говорат уредниците на изданието, поетот Никола Маџиров и есеистката Наташа Атанасова.

„Чувари на малите нешта“ претставува избор од досега необјавени песни на Пејчинова, создадени во периодот 2002–2025. Збирката ги спојува двата нејзини поетски јазици – класичниот, метафоричен стих и слободната, интимна форма. Но вистинската нишка што ги води песните не е стилистиката, туку погледот кон невидливото, кон оние тивки слоеви на реалноста што често ги премолчуваме или ги забораваме: природата и сенките, патниците и пределите, миговите и соништата, тишината што станува сведоштво, а понекогаш и засолниште.

Пејчинова не пишува за големи гестови; таа ја испреплетува лириката со метафизиката, хуморот со духовноста, љубовта со кревкоста на смртноста. Во оваа збирка, читателот постојано се движи низ светови што се надополнуваат и потируваат: меѓу сонот и јавето, живото и неживото, митот и современоста, минливоста и вечноста. Оваа двојност е еден од најпрепознатливите елементи на нејзината поетика.

Просторот на поезијата кај Пејчинова често е граница: меѓу морето и копното, меѓу просторот на сонот и она што останува од денот. Морето и сонот се јавуваат како места на потекло, но и како прагови на уништување што овозможуваат препород. Нежноста, дури и во својата најранлива форма, станува точка на сила, меморија и преобразба.

На творечко ниво, збирката функционира и како манифест – одбрана на малите, тивките, суштински нешта. Пејчинова предлага поинаква оптика на постоењето: ние сме „чувари“, но истовремено и чувани; ние градиме, но и нас нешто постојано нè гради и менува.

Кој е творечкиот глас зад „малите нешта“?

Ана Пејчинова (1973) е авторка со редок интердисциплинарен хоризонт. Нејзиното творештво и професионално портфолио се движат меѓу книжевноста, визуелните уметности, филозофијата, психологијата, политичките науки, меѓународниот развој и хуманитарната работа. Родена во Скопје, нејзиниот живот и работа се распослани низ повеќе од триесет земји на пет континенти, што во голема мера се чувствува во нејзината глобална, но интимна поетска перспектива.

Пејчинова досега има објавено четири збирки поезија: „Деогае“ (1995) , „Ѕверот и проѕирот“ (1997), „Златните раце на демонот“ (1999), „Чувари на малите нешта“ (2025) Покрај поезијата, таа е и автор на збирката раскази „Авгански дневници“ (2008), како и на изборот англиски стихови „Guardians of the Tiny and Tender“, достапен на Kindle преку Amazon.

Нејзините песни се преведени на полски, германски, англиски, француски, фински, српски и други јазици. Таа е добитничка на наградата „Млада Струга“ (1995) и други признанија. Паралелно со авторството, Пејчинова е активен книжевен преведувач – меѓу нејзините преводи се „Четирите Зои“ од Вилијам Блејк, стихови од Руми и избор од Радјард Киплинг.

Промоцијата во „Метаноја“ најавува вечера на која книжевната заедница ќе може да се сретне со една исклучително лична, но и универзална книга. „Чувари на малите нешта“ не е само уште една збирка – тоа е поетски архив на тишините, контрастите и невидливите премини што нè обликуваат.

Збирката отвора простор за оние што сакаат поезија што не вика, туку шепоти; што не доминира, туку насочува; што не дефинира, туку овозможува световите што ги носиме да станат видливи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни