Вечерва, 9 декември, во 19 часот во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ ќе се одржи свеченото доделување на наградата „Пегаз“ за 2025 година, како и промоцијата на победничкиот роман „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска. Настанот претставува уште едно значајно поглавје во афирмацијата на современата македонска книжевност.
Кон романот и самата награда ќе се осврнат Иван Додовски – професор, писател, книжевен и театарски критичар и Бисера Бендевска – уредничка во „Арс Ламина“, кои беа дел од тричлената жири-комисија. Заедно со нив членуваше и професорката Соња Стојменска-Елзесер.
На седмото издание од конкурсот за наградата „Пегаз“, што ја доделуваат издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата „Славко Јаневски“, пристигнаа 45 ракописи. Жирито во најтесниот избор ги разгледуваше и романите „Пацер“ од Коста Бојчески, „Изгубени низ дупки во џебовите“ од Ники Борас и „Солдат 1882“ од Добре Тодоровски.
Победничкиот роман „Кривата Дијана“, со поднаслов „Роман за верижната вина“, отвора длабоко и актуелно прашање: колку нашата колективна тишина учествува во создавањето на општествената несреќа? Делото, кое тематски опфаќа повеќе од три децении, го истражува механизмот на „верижната вина“ — постепено таложење на индивидуални грешки, пропусти, молчење и откажување да се постапи исправно во критични моменти.
Романот низ психолошки густо ткаена нарација нè води во мрачните простори на интимниот и општествениот понор. Како подземна понорница која пробива низ тврда почва, приказната патува низ непријатните предели на минатото, кои навлегуваат во сегашноста и го отвораат прашањето за заедничката вина. Ехото на Достоевски, кој намерно одѕвонува низ страниците, го збогатува романот со морална димензија и го поставува ликот и читателот пред огледало што не може лесно да се избегне.
Промоцијата на романот и свеченото доделување на наградата претставуваат значаен културен настан, кој ја продолжува традицијата на „Пегаз“ како важна платформа за откривање и поддршка на нови книжевни гласови.
