Пегава хиена се појавила во Египет по 5.000 години

Познато е дека пегавите хиени патуваат и до 30 километри дневно, често следејќи стада на добиток.

По неверојатни 5.000 години, во југоисточен Египет била забележана пегава хиена, што е речиси 500 километри северно од моментално познатото живеалиште на оваа животинска раса. Во 2024 година, локалните жители ја застрелале хиената во Националниот парк Елба, во југоисточен Египет, на околу 40 километри од границата со Судан. Ова бил првиот документиран случај на овој вид во Египет, откако исчезнала пред повеќе од пет илјади години, пренесува RTС.

„Мојата прва реакција беше неверување, додека не ги проверив фотографиите и видео снимките од хиената“, рекол екологот Абдулах Наџи од египетскиот универзитет Ал-Азар. „Кога ги видов доказите, бев сосема изненаден. Беше повеќе од она што очекувавме да го најдеме во Египет.“

Со оглед на тоа дека животното било застрелано околу 500 километри северно од познатото живеалиште на пегавата хиена во Судан, истражувачите претпоставуваат дека ретките временски појави создале коридор за миграција што му овозможил на овој предатор да се оддалечи од своите вообичаени ловишта.

Професорот Наџи и неговите колеги веруваат дека овие децениски временски циклуси се поврзани со струи покрај Црвеното Море кои предизвикуваат повеќе дождови на границата помеѓу Египет и Судан. Благодарение на тоа, дошло до раст на вегетацијата која создала миграциски коридор преку кој веројатно поминувала оваа хијена во потрага по плен.

Анализата на постојните сателитски снимки на регионот потврдила дека во областа на овој коридор има значително повеќе растенија во последните пет години, што било доволно да обезбеди засолниште за пленот кој го барала хиената.

„Сепак, мотивацијата за нејзиното толку далечно патување во Египет сè уште е мистерија која бара понатамошни истражувања“, вели проф. Наџи.

Познато е дека пегавите хиени патуваат и до 30 километри дневно, често следејќи стада на добиток. Овие наоди, заклучува тимот научници во објавеното истражување, ги оспоруваат досегашните претпоставки за правците на миграцијата на пегавите хиени, но исто така истакнуваат како регионалните климатски промени влијаат на промената на миграторните патувања на животните.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни