Поминаа три години од моментот кога Peach Vice го објави својот дебитантски албум „EKIPIZZA“ – издание што не се обиде да биде допадливо, туку искрено, гласно и непријатно токму онолку колку што беше потребно. Во време кога сцената повторно се составуваше по пандемијата, Peach Vice се појавија како бенд што ја освежи македонската алтернативна сцена.
По тој повод, бендот организира специјален јубилеен евент на кој, за првпат, „EKIPIZZA“ ќе биде достапен и во CD-формат, заедно со ексклузивен мерч во строго ограничен број. Настанот ќе се одржи на 7 февруари (сабота) од 21:00 часот, во Beertija Pub, а влезот е бесплатен. Од публиката се бара само едно: да ја донесе енергијата и да ја зачува за моментите што не се најавуваат однапред.
Peach Vice се пост-пандемиски бенд што никна од колективниот замор и фрустрација на „претходниот свет“, но наместо бегство, понуди трансформација. Нивниот звук комбинира сурова енергија, метал ноти и инструменти ретко присутни во ваков авангарден контекст, создавајќи чувство на контролиран хаос што функционира по свои правила.
Со видеата за „Диши“ и „Крал“, бендот го најави својот естетски и идеолошки правец, а со албумот „EKIPIZZA“ од јануари 2023 година го зацврсти своето место на домашната алтернативна сцена. Песните „Лице“, „Збор“ и „Ми се гади“ станаа препознатливи токму затоа што одбиваат да бидат допадливи, појавувајќи се како реакции – директни, нефилтрирани и намерно непријатни.
Во изминатите три години, Peach Vice се наметнаа како колектив што секој настап го претвора во интензивно искуство, градејќи репутација на еден од најжестоките живи бендови на домашната сцена. Јубилејот на „EKIPIZZA“ не е носталгичен поглед наназад, туку потсетник дека оваа приказна сè уште се пишува гласно.
