РЦУК – Куманово информира дека поради обилните врнежи од дожд, на подрачјето на селото Пелинце, во близина на Меморијалниот центар АСНОМ, како и кај бањата Стрновац, реката Пчиња се излеала од своето корито за околу 20 сантиметри. Според првичните информации, водата засега не зафаќа ниту куќи ниту викендици.
Дополнително, кај Коински мост е забележано големо количество насобрани дрвја кои го попречуваат нормалниот проток, што дополнително ја усложнува состојбата на теренот. За ситуацијата е известено Водостопанство Куманово, кое ќе постапи согласно своите надлежности.
Паралелно со ова, Македонијасе соочува со екстремно обилни врнежи. Под влијание на силниот Џеновски циклон, во последните 72 часа до 21 часот вечерва, најмногу дожд е измерен во Лазарополе – дури 104 литри на метар квадратен. Во повеќето западни градови количеството врнежи надминува 60 литри дожд.
Според метеоролошките податоци, врнежите продолжуваат и во следните денови, а јавноста се повикува внимателно да ја следи состојбата и препораките на надлежните служби.
