Трансевропска транспортна мрежа (TEN-T) на Европската комисија, презентираше мапа на мрежа со детали за намалување на време за патување со воз меѓу градовите.
Брзите железници низ Европа во последно време доживуваат голем подем.
Годинава беа објавени планови за нова европска линија во стилот на метро, а потоа Европската комисија објави и детали за сопствената иницијатива за намалување на времето на патување и подобрување на прекуграничните врски.
Европската комисија ги објави своите планови за скратување на времетраењето на неколку железнички линии низ континентот преку интегрирана мрежа за брзи железници. Со возови што ќе патуваат со брзина до 250 километри на час, патувањата меѓу големите европски градови би можеле да се преполоват.
Иако мрежата за брзи железници треба да биде целосно оперативна до 2040 година, некои линии ќе бидат воведени уште во 2030 година. На пример, до крајот на деценијата патувањето меѓу Берлин и Копенхаген треба да трае четири часа наместо седум.
Рутата помеѓу Софија и Атина исто така значително ќе се скрати до 2035 година – патувањето ќе трае шест часа наместо 14. Исто така, постојат голем број сосема нови врски што патниците можат да ги очекуваат, вклучувајќи ги Париз-Лисабон преку Мадрид или Варшава-Талин преку Рига.
Беше презентирана и мапа на предложената мрежа, заедно со детали за намаленото време на патување помеѓу градовите.
Од неа се гледа дека, времето на патување ќе се намали речиси во сите правци. На пример, од Прага до Рим ќе се патува за десет часа, а од Стокхолм до Копенхаген за четири.
Накратко, патувањето низ Европа со воз ќе стане многу полесно, со побрзи, посигурни и подостапни линии. Покрај тоа, целиот проект ќе го направи патувањето во Европа значително поодржливо. Колку ќе чини сето тоа, останува да се види, но веќе е јасно дека сите би избрале удобно патување со брз воз отколку со автобус или досадни протоколи на аеродромите.
Сето ова е дел од амбициозната Трансевропска транспортна мрежа (TEN-T) на Европската комисија, што е токму она што го сугерира нејзиното име – панеевропска мрежа од нови патишта, железници, пристаништа…
За планот на Европската комисија за подобрување на брзите железници, можете да се информирате на нивната официјална веб-страница.
