Патување без тегоби: како да ги заштитите варењето и цревата

Гастроентеролозите советуваат како да го сочувате цревното здравје и енергијата за време на патувања

Патувањето, без разлика дали е кратко или долготрајно, често носи промени во ритамот на исхрана, спиење и движење – фактори кои директно влијаат врз варењето и здравјето на цревата. Според гастроентерологот Вил Булсевич, експерт за микробиом и соработник со Национален институт за здравје на САД, клучот за пријатно патување без дигестивни тегоби е одржувањето на рамнотежата на цревниот микробиом.

„Микробиомот мора да биде избалансиран за време на патувањето, бидејќи тој го поддржува варењето, стабилното ниво на енергија и отпорниот имунолошки систем“, објаснува Булсевич. Во продолжение се неколку практични совети како да го заштитите здравјето на цревата додека сте на пат.

Хидратацијата е основа на доброто варење

Еден од најчестите проблеми при патување е дехидратацијата. Подолгото седење, сувиот воздух во возилата и авионите, како и промените во навиките, доведуваат до губење течности. Затоа, гастроентеролозите препорачуваат секогаш да имате шише со вода при рака.

Доволната хидратација им помага на цревата да функционираат правилно и го намалува ризикот од запек и дигестивни нарушувања, особено за време на подолги патувања.

Здрави грицки – мали, но значајни сојузници

Иако често се занемаруваат, грицките можат да бидат од голема корист доколку се изберат внимателно. Овошје, јаткасти плодови и семиња се лесни за носење и претставуваат одличен извор на влакна.

Овошјето, особено, има двојна улога – обезбедува течности и влакна, што е добитна комбинација за здравјето на цревата и стабилно варење.

Влакната како „гориво“ за микробиомот

Цревниот микробиом најдобро функционира кога е „нахранет“ со влакна и хранливи материи. Затоа, за време на патување се препорачува почесто консумирање на намирници како чиа семе, зелено лиснато зеленчук, грав, бобичесто овошје, банани и круши.

Овие продукти не само што го поддржуваат варењето, туку придонесуваат и за стабилност на енергијата и подобро целокупно чувство на организмот.

Дали има место за суплементи?

Според Булсевич, патувањето може да биде период кога суплементите имаат смисла, особено пробиотиците. Тие можат да бидат корисен додаток на исхраната, особено кога не е секогаш можно да се внесе доволно разновидна храна.

„Покрај храната богата со влакна, патувањето е идеално време за суплементација како сигурен и практичен извор на пребиотици, кои ги хранат и стимулираат цревните микроорганизми“, објаснува тој.

Движењето е неопходно – и за цревата

Без разлика дали патувате со автомобил, автобус или авион, долготрајното седење може да предизвика проблеми со варењето. „Кога се движите – се движат и вашите црева. Кога седите со часови, тие ‘заспиваат’“, вели Булсевич.

Кратки прошетки, истегнување, користење скали наместо лифт или движење за време на паузите можат значително да го подобрат цревниот ритам.

Управување со стресот – често занемарен фактор

Стресот за време на патување може сериозно да влијае врз дигестивниот систем. Научните истражувања потврдуваат дека врската меѓу цревата и мозокот е реална, а лошото цревно здравје може да го зголеми ризикот од анксиозност и депресија.

Затоа, лекарите препорачуваат едноставни техники како длабоко дишење, кратки паузи за смирување или водење дневник, со цел да се намали напнатоста и да се зачува „мирниот стомак“.

Грижата за цревното здравје за време на патување не бара комплицирани мерки – туку свесни, мали избори. Со доволно течности, соодветна исхрана, движење и контрола на стресот, патувањето може да помине без непријатни дигестивни изненадувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни