Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан го отпушти својот потпретседател за парламентарни работи по скапото патување на Антарктикот во време на хиперинфлација и економска криза во Иран.
На социјалните мрежи е објавена фотографија од Шахрам Дабири и жена претставена како негова сопруга, во близина на бродот Планциус кој од 2009 година нуди луксузни крстарења на Антарктикот.
„Во контекст кога економскиот притисок врз населението е сè уште голем, скапите патувања на функционерите, дури и на сопствен трошок, не се оправдани“, се вели во писмото на иранскиот претседател објавено денеска од официјалната агенција ИРНА.
Член на кабинетот на Шахрам Дабири претходно изјави дека крстарењето било во време кога Дабири „не извршувал должности“ во владата.
Аферата е нов удар за претседателот Пезешкијан, кој беше избран минатата година со ветување за заживување на економијата и подобрување на секојдневието на граѓаните.