Трн во Свети Николе кај Дејан Менчов

Патот на прочуените казани за печење ракија

На само неколку чекори од центарот на Свети Николе, од тесниот сокак одекнува удар од метален чекан. Младиот светиниколчанец Дејан Менчов прави капак за еден од казаните за печење ракија. И додека капки пот му паѓаат врз бакарот со гордост ја крена главата и ја покани екипата на Трн во неговата занаетчиска работилница.

„Денешниве млади сакаат пофини работи, па тешко е да се најдат работници. Со казанџиството скоро две децении хранам семејство, а почнав да се интересирам за занаетот уште како дете. На почетокот од љубопитство ѕиркав во работилницата на татко ми, кој со дедо ми ги правеа најпрочуените светиниколчански казани за ракија. На мои дваесетина години веќе го имав усовршено занаетот, а по тој пат ги насочувам и моите деца кои засега имаат интерес“, вели Менчов, оставајќи го на страна веќе готовиот бакарен капак за новиот казан.

Не е сам, друштво му прават неговите синови кои по се изгледа ќе продолжат да ја пишуваат семејната, казанџиска приказна.

„Се надевам дека овој занает ќе опстане во нашето семејство, бидејќи јас го наследив од татко ми, а сакам да го пренесам и на моите потомци. Како што јас сум учел како се земаат мерки, како се крои и заварува така ги учам и синовите. Иако имаат уште многу да учат, добро е што не губат желба, напротив сакаат да напредуваат“, со насмевка ни вели Дејан Менчов, покажувајќи им на синовите како се виткаат бакрните цевки.

Казанџиството е мачна работа, со чук се удира по бакарот или лимот, по стотици, па и илјадници пати. Со многу пот е натопен секој казан, но за да живее традицијата мора сите да ја негуваме, вели Менчов додека ги сече парчињата лим за следниот казан. И покрај жешкото августовско време Дејан неуморно ни раскажува во што е разликата од еден до друг казан.

„Функцијата на сите им е иста, процесот на изработка сличен, ама од кој ќе тече квалитетна ракија зависи од мајсторот кој ќе ја пече“, на шега вели тој.

Кога го прашавме како тече процесот на изработка од идеја до готов казан Дејан се замисли и кусо ни рече:

„Ако сакате низ пракса да ви покажам треба да останете цела недела, толку време ми е потребно да направам еден казан, ама ако сакате со зборови ќе ви објаснам веднаш, дури го испиете кафето“.
Светиниколчанецот Дејан Менчов кој е еден од неколкуте млади казанџии не само во неговиот роден град туку и во Македонија, застана до еден од казаните и покажувајќи ни ги елементите на истиот ни го објасни патот по кој „одат“ бакарот и лимот.

„За да си ја олеснам работата работам сериски, односно правам казани, па капаци, па цевки… Но и да изработувам еден по еден казан процесот се состои во изработка на самиот казан, кој секогаш е од бакар, по што од него се земаат мерки за капакот. Секој казан има и огниште, кое исто така сам го изработувам. Откако до тука е готов казанот се прави цевка по која ќе оди пареата до кондензаторот. Кога сите елементи се тука казанот е готов за печење ракија“, вели Менчов.

Ако одите во Свети Николе побарајте го занаетчискиот дуќан на Дејан Менчов. Ако не за казаните, барем да го поздравите младиот занаетчија кој е верен чувар на светиниколската традиција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни