Помина времето

Дан и Лиа Пержовски - МС

Уште сум под импресии од поставката на Лиа и Дан Пержовски во МСУ поставена пред некое време. Познатите современи уметници поентираат точно на општествено болните точки со изложбата и во меморијата ќе ми остане како една од најдобрите што воопшто сум ги видела. Не само што го поттикнуваат прашањето за моќта и потребата од ангажирана уметност денес, туку и многу досетливо, многу непосредно и искрено тоа го преточуваат во изложените дела. Поставката е ефектна и јасна,  нејзините пораки многу гласни. Најболните точки на современиот свет: сиромаштија, солидарност, геноцид, човечко страдање и актуелни војни  се само дел од темите кои се испровоцирани визуелно. Би ја погледнала уште сто пати, токму поради таа директност и итност која ја наметнува и чувството на срам и односот кон сопствениот придонес кој се предизвикува кај гледачот. Апсолутно незаборавна.

Дан и Лиа Пержовски – МСУ Скопје

Од визуелна уметност, во главата се префрлам на книжевност. Не сакам да ја читам современата литература како нешто кое може да го исклучи контекстот. Не мислам дека времињата кои доаѓаат ќе ја негираат нејзината можна идеолошка позиционираност, ниту дека современите текстови понатаму ќе можеме независно да ги читаме. Мислам дека помина тоа време. Одново се враќам кон некои сегменти од изложбата на Пержовски додека овој монолог оди во мојата глава. Додека на светот му се случуваат огромни катастрофи, драстично се менува и улогата на уметноста, која веќе не е само сведок на актуелните случувања.

Дан и Лиа Пержовски – МСУ Скопје

Во ера на комуникациска супериорност и доминација многу брзо може да ги дознаеме вестите од цел свет и поврзани сме со новостите околу нас уште побрзо, но многу понастроени сме кон игнорирање. Оттаму, потребата за поголемо вклучување, преиспитување на сопствените принципи и верувања е поважна од кога било. Ситуацијата во која се наоѓа светот добро покажува дека веќе не може да се функционира како досега и дека токму во тој факт треба да се бара поривот за поголем активизам на сите полиња. Уметноста нема да биде исклучена од ова и тоа е многу важно.

Помина времето за да се биде незаинтересиран за релацијата на уметностите и политиката во поширока смисла на зборот, сфатена како уредувањето и животот на себе и другите во заеднички простор, што директно влијае и на потребата да се создава, конзумира и набљудува естетски. Помина времето и за заштита од потенцијалите на секоја уметност да нè испровоцира, да нè налути, да нè загрижи, да нè потсети да се размрдаме. Да ни ги растресе крвотоците, да нè замисли за нашата пасивност и хронична незаинтересираност, можеби? Предизвикани сме да ги користиме своите стравови, механизми и знаења во нова насока.

Дан и Лиа Пержовски – МСУ Скопје

Пред нас се предизвици кои бараат итно, бараат суштинско будење и канализирање на сета потентна енергија преку сите можни дискурси. Тоа е новата улога на современата уметност. Прашањето за нејзината ангажираност денес е прашање кое не само што општествено нè тангира туку и ќе придонесе нужно за активирање на сите останати сили кои се потребни. Додека го промислуваме минатото, не гледаме дека новото време наметнува, без да нè праша, нови концепти и механизми, кои буквално ни тропаат на врата.

Суштински важно е да се искористат сите интелектуални ресурси за поддршка, за промена, за будење, за критички пресврт на сегашноста, но и да се прифати дека во тој процес, значајно ќе се промени улогата на уметноста. Во него, уметниците, активистите и граѓаните заедно ќе делуваат против секоја опресирачка структура, со нов отпор и нов елан, користејќи ја како алатка за менување и напредок.

Во заедничка борба против патријархатот, воените дејства, колонијализмот и империјализмот, но и многу други прашања кои се однесуваат на човечковите права и достоинствен живот, токму уметноста да ни биде најголем сојузник досега, катализатор на промени и на новости, на голема храброст и на можност да живееме подобро.  

Користени се фотографиии од изложбата на Дан и Лиа Пержовски, поставена во МСУ Скопје 2024 година

Авторката е културна работничка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни