NASA, на први април 2026 година, ја започна мисијата што испрати четворица астронаути на 10- дневен лет околу месечината, Artemis II. Помеѓу другите интерсни работи кои се врзуваат за оваа мисија, интересен е фактор дека голем дел од астронаутите кои стапнале на Месечината биле извидници. Според податоци од извидничките организации и историските записи на NASA, најмалку две третини од астронаутите кои стапнале на Месечината имале извидничко искуство, а во некои анализи бројката достигнува и до 11 од вкупно 12 луѓе.
Меѓу најпознатите примери е Нил Армстронг, првиот човек што стапнал на Месечината во 1969 година, кој бил Eagle Scout уште од младоста. За време на мисијата Аполо 11, Армстронг со себе го понел својот извиднички беџ како симбол на вредностите што го обликувале. Додека патувал кон Месечината, тој испратил радио порака до извидниците кои учествувале на Националната извидничка Смотра во САД, посакувајќи им успешен камп и пренесувајќи поздрав од вселената, гест што и денес се смета за еден од најсилните симболи на врската меѓу извидништвото и истражувањето.

Покрај Армстронг, меѓу извидниците што стапнале на Месечината се и Баз Олдрин, Алан Шепард, Едгар Мичел, Дејвид Скот, Чарлс Дјук, Џон Јанг, Јуџин Сернан и Харисон Шмит.
Истражувањата покажуваат дека врската помеѓу извидништвото и астронаутската кариера не е случајна. Извидниците уште од млади години учат како да носат одлуки под притисок, да работат во тим и да се снаоѓаат во непознати ситуации, вештини кои се од клучно значење за мисиите во вселената. Токму овие способности се покажале како пресудни за успехот на астронаутите во програмата Аполо, но и за идните мисии.
Со новите планови на NASA за враќање на луѓето на Месечината, се поставува прашањето, кој ќе биде следниот? Историјата покажува дека одговорот можеби веќе се наоѓа меѓу младите извидници.