Патот до 13. Ноември

13 ноември  Денот на ослободувањето на Скопје, го славиме веќе 80 години. Тоа е денот кога партизанските единици со борба влегуваат во Скопје означувајќи крај на фашистичката окупација. Ослободувањето на Скопје било дел од пошироката операција за ослободување на Македонија од фашистичката окупација. Битките за Скопје започнале во раните утрински часови, со акција преку Водно и напад на стратешки важни локации како што се Офицерскиот дом и Железничката станица. По деноноќни борби, партизаните успеале да ги протераат германските сили од градот.

Но, 13ти Ноември е само големото финале на антифашистичката броба во Скопје. Скопјани, патот до слободата и славниот 13ти Ноември го почнуваат уште во првите денови на окупацијата. Тој пат, на улиците на Скопје го раскажуваат бројни споменици, а некои од нив ќе ги претставиме во оваа приказна.

Споменик посветен на формирањето на Скопскиот партизански одред

Почетокот на борбата е формирањето на Скопскиот партизански одред. на 22 август 1941 година. Во месноста Чифлик покрај Вардар (кај денешниот стадион на Локомотива), се состануваат: Дане Крапчев – Стари, Чедомир Миленковиќ – Мирко, Боро Боцевски – -Боте, Невена Герогиевска – Дуња, Благоја Деспотовски – Шовељ, Раде јовчевски – Корчагин, Стерјо Кранго – Дучо, Павле момчиловиќ, Боро Ончев, Александар Смилковски, Светозар Томиќ и Боро Трајковски – Ѓуро и го формираат Скопскиот партизански одред.

Споменик за сеќавање на смртта на Благоја Деспотовски – Шовељ

Бугарските окупатори и нивните локални помагачи, почнуваат активно да ги гонат скопските илегалци, партизани и активисти на комунистичката партија и ослободителното движење кое се раѓа. Особено истакнат во прогонот на револуционеритебил Мане Мачков. Родум Струмичанец, поранешен синдикалист, со доаѓањето на бугарските окупатори ја сменува стрната и ги гони неговите довчерашни соборци. Затоа, донесена е одлука за негова ликвидација, а задачата треба да ја изврши партизанот од Скопскиот партизански одред – Благоја Деспотовски – Шовељ.

Престрелката се случува на 7 октомври 1941 година, четири дена пред „првите пушки во Прилеп и Куманово“. Мане Мачков успева да преживее, но Шовељ е опколен од окупаторите и нема излез. Дозволува да му се приближат фашистите и активира рачна бомба со која се самоубива.

Споменикот се наоѓа на улица Даме Груев, во дрворедот пред Градски Ѕид на местото каде што младиот Шовељ ја испишал својата страница во македонската борбена и антифашистичка историја.

Споменик на илегалната работилница за производство на муниција и бомби – Споменик Бомба

Автор на споменикот е професор Александар Никољски. Споменикот денес се наоѓа во паркот позади МКЦ (некогашен Дом на млади 25. Мај), „Бомбата“ стоеше покрај реката Вардар до Музејот на илегална муниција работилница долги години до почетокот на 2010-та, кога развојниот проект Скопје 2014 побара изградба на нов Уставен суд, токму на истата локација.

Работилницата заоружје на Серафим Видевски

Скопскиот механичар Серафим Видевски, е херојот на оваа приказна. Тој во неговата работилница формира производство на оружје, муниција, бомби и станува еден од главните извори на вооружување во скопско.

Во подрумските простории на зградата на Комерцијална Банка зачувана е неговата работилница и функционира како обновена музејска поставка од 2018 година.

Споменик (спомен – плоча) на Кузман Јосифовски – Питу

Прилепчанецот Кузман Јосифовски е еден од моторите на партизанската борба во Македонија. Од Пеилеп, преку западниот дел на Македонија, Питу патува насекаде и го организира а нтифашистичкото движење. Тој е еден од иницијаторите за издавање на партискиот леток “Востаник”, кој подоцна е преименуван во “Братство”. Весникот претставувал единствен весник во тој период кој излегувал со статии напишани и на македонски и на албански јазик.

Есента 1943. година, Кузман Јосифовски – Питу доаѓа во Скопје за да ја организира борбата. Како илегалец, живеел во стан во Буњаковец.

Во февруари 1944. година, бугарските окупатори дознаваат за неговата активност и Питу морал да го нашушти Скопје и да се приклучи на партизанските единици. Во обидот да излезе од Скопје, загинува во Козле во престрелка со бугарската полиција.

Споменик на Роберт Гајдик – Славко

Приказната за Роберт Гајдик се протега од Злин (Чешка) до партизанското движење во Македонија и на Косово. Родителите на Роберт живееле во Скопје и работеле на ХЕЦ Матка а Роберт во Злин од каде што заминува по падот на Чешка во 1938 година и се населува во Скопје кај родителите.

Споменикот е изработен од познатиот македонски уметник Владимир Брајковски

Набрзо станува активист на СКОЈ и еден од најдобрите скопски диверзанти. Во јуни 1941 година, учествува во палењето на германскиот авион Јункерс на скопскиот аеродром, станува дел од скопскиот одред и е главен партизански инструктор за користење на експлозиви.

Упасен е од Гестапо, но успеал да избега во Приштина. На Косово организира производство на муниција и експлозиви, но повторно е уапсен и јавно стрелан на 14 јануари 1942 година во Љипљан.

Делегација на Чешката Република, секоја година го одбележува неговото дело на денот на неговото стрелање 14 јануари.

Споменик на скопјаните стрелани на 13. Ноември

Дента кога се одвивале борбите за ослободување на Скопје, скопјани почнале да излегуваат на улиците чувствувајќи дека слободата е блиску. Но деветмина од нив не ја дочекале. Јордан јакимов, Драган Јакимов, Дончо Андонов, Перо Јовановиќ, Пантелеј Дапчев, Перо Чрвеников, Светислав Ѓуриќ, Фоки Владимиров и Христо Караџа се фатени од германската војска и стрелани покрај Камениот мост на Вардар.

Нацистите, соочени со неминовен пораз и повлекување од Скопје, во очај и немоќ, својјот бес го искалуваат на недолжни и невооружени граѓани.

При работите на уредување на плоштадот Карпошово востание – дел од проектот Скопје 2014, споменикот беше отстранет. По жестоките реакции на Скопјани и на граѓански иницијативи кои ги почитуваат традициите на НОВ во Македонија, споменикот е повторно поставен на кејот на Вардар, веднаш до Камен мост.

Жена Борец

Иако не е директно поврзан со скопската борба во Втората Светска војна, споменикот посветен на Жената борец, е неизоставен во патот до 13 Ноември. Народноослоботеелната борба во суштина била и женска борба. Борба во која жените оставиле неизбришива трага.

Споменикот на жената борец — се наоѓа во паркот спроти Собранието во Скопје. Изграден е од мермер, и автор е вајарот Боро Митричевски. Откриен е на 8 март 1970 година.

Споменик на ослободителите на Скопје

Пред зградата на некогашниот ЦеКа, или според сегашната намена: Влада на Република Северна Македонија се наоѓа најграндиозниот споменик со кој и завршува Патот до 13. Ноември: Споменикот на ослободителите на Скопје. Изграден е во 1955 година и е дело на вајарот Иван Мирковиќ. Споменикот е посветен на борците кои учествувале во ослободувањето на Скопје.

Споменичната композиција се состои од седум бронзени скулптури, од кои секоја претставува различен аспект на борбата за слобода:

  • Борец: Предводник со пушка, кој ги охрабрува другите борци.
  • Жена: Во одлучен став, исто така со пушка.
  • Дете: Држи мало огнено оружје.
  • Борец: Поддржува ранет другар и истовремено фрла бомба.
  • Борец во умирање: Држи знаме со последните сили.
  • Младинец: Извлекува оружје и се подготвува за напад.

Скулптурите се изработени во натприродна големина и поставени на ниско постолје, што им дава дополнителна димензија и значење.

Ова се само мал дел од обележјата во јавниот простор кои го означуваат и ја раскажуваат приказната за една слободарска епопеја на еден град и неговите жители. Зборуваат за вистински настани и вистински личности кои се дел од она што го прави Скопје – Скопје.

Ви го честитаме Денот на ослободувањето на Скопје и да не заборавиме: Цело Скопје антифашистички град!

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни