Стотици илјади патници останаа заглавени низ светот откако клучните воздушни центри на Блискиот Исток беа затворени поради последиците од израелско-американските напади врз Иран. Само во понеделникот беа откажани уште стотици летови, со што дополнително се продлабочи хаосот во глобалниот воздушен сообраќај. Според „Гардијан“, станува збор за најтежок удар врз авио-индустријата од пандемијата на ковид-19.
Главните аеродроми во регионот, вклучително и Дубаи (најпрометниот меѓународен воздушен центар во светот) се затворени трет ден по ред. Податоците од платформата FlightAware покажуваат дека во саботата биле откажани речиси 2.800 летови, во неделата 3.156, а само рано утрово во понеделникот – уште 1.239 летови.
Авиокомпаниите Emirates од Дубаи, Etihad Airways од Абу Даби и Qatar Airways од Доха заедно откажаа стотици летови, додека и други превозници, како Air India, ги суспендираа своите линии во регионот.
„За патниците нема разубавување на ситуацијата“, изјави Хенри Хартевелдт, аналитичар на авио-индустријата и претседател на Atmosphere Research Group. „Треба да се подготват за доцнења или откажувања во наредните денови, додека нападите траат и, се надеваме, не завршат.“
Според Flightradar24, воздушниот простор над Иран, Ирак, Кувајт, Израел, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Катар и понатаму е речиси празен.
Последиците од конфликтот се чувствуваат далеку надвор од Блискиот Исток. Патници останаа блокирани на дестинации од Бали до Франкфурт. Конфликтот се прошири и кон Либан, каде што Израел изврши воздушни напади по ракетирањето од страна на Хезболах, што дополнително го затвори поголемиот дел од регионалниот воздушен простор.
Дополнителен проблем претставува фактот што екипажите и пилотите сега се расфрлани низ различни континенти, што ќе ја усложни нормализацијата на сообраќајот и по повторното отворање на небото.
Додека најголемиот дел од патниците се обидуваат да дојдат до информации и алтернативни рути, најбогатите наоѓаат други решенија. „Саудиска Арабија моментално е единствената реална опција за луѓето кои сакаат веднаш да го напуштат регионот“, изјави за Semafor Амер Наран, извршен директор на компанијата за посредување со приватни авиони Vimana Private. Тој проценува дека цената на лет со приватен авион од Ријад до Европа достигнува и до 350.000 долари.
Економските последици веќе се видливи. Акциите на водечките авиокомпании бележат пад поради страв од продолжена нестабилност. Japan Airlines изгуби 5,6%, Singapore Airlines 4,5%, Qantas 5,4%, а Cathay Pacific 2,9%.
Превозниците се соочуваат и со повисоки трошоци за гориво, откако цената на суровата нафта Brent скокна за дури 13% и достигна 80 долари по барел. Аналитичарите предупредуваат дека цената може да порасне и до 100 долари.
„Главниот ефект за сите ќе се почувствува преку цените на нафтата, кои очигледно ќе пораснат“, изјави авијацискиот консултант Бертран Грабовски. Заливот е и клучен центар за воздушен товарен транспорт, што дополнително ги оптоварува трговските рути кои веќе беа погодени од нарушувања во поморскиот сообраќај.
Аналитичарите оценуваат дека вакво долготрајно затворање на воздушниот простор и трите главни заливски транзитни центри е без преседан. Преостанатите летови се пренасочуваат за да го избегнат затворениот воздушен простор. Рутите преку Иран и Ирак веќе беа од зголемено значење откако војната во Украина ги принуди авиокомпаниите да го избегнуваат воздушниот простор над Русија и Украина.
Сега, затворањето на блискоисточниот воздушен простор ги турка авиокомпаниите во уште потесни коридори. Дополнителен ризик создаваат и тензиите меѓу Пакистан и Авганистан, предупреди Иан Петченик, директор за комуникации во Flightradar24.
„Долготрајните нарушувања се најголемата грижа за комерцијалната авијација“, изјави тој.