Патнички заклучиле туѓо дете во тоалетот во авион бидејќи многу плачело

Двајца патници заклучиле туѓо дете во тоалетот во авион, со цел да го „превоспитаат“ во Кина. Тие добија бројни јавни осуди и се разви бурна онлајн дебата за тоа како треба да се постапува со вознемирени деца на јавни места.

Инцидентот оваа недела стана вирален откако една жена објави видео на кинеските социјални мрежи, каде прикажува дека заедно со нејзина другарка е во заклучен тоалет со девојче кое плачело, а кое изгледа дека има помеѓу една и две години.

„Нема да те пуштиме ако не престанеш да плачеш“ вели жената која седи на тоалетот, а детето се обидува да избега и да излезе надвор.

Кога девојчето престана да плаче, жената која го снима видеото ја подигнува и ѝ вели:

„Доколку повторно направиш галама, ќе се вратиме“ мислејќи дека ќе ја вратат во тоалетот.

Инцидентот се случил на 24 август на летот на „Јунејао Ерлајнс“ од југозападниот град Гујианг за Шангај.

Малото детенце летало со нејзините баба и дедо и плачело без престан во текот на тричасовните лет, соопшти авиокомпанијата. Двете патнички, во согласност со нејзината баба го одвеле детето во тоалетот за да ја „научат“ се вели во соопштението.

Но, ден потоа, како што се појавија критиките на социјалните мрежи службата за корисничка поддршка на авиокомпанијата се извини поради инцидентот, додавајќи дека го осудува однесувањето на двете патнички.

Една од жените, која го постави видеото на интернет, вели дека нејзината намера била да обезбеди мирен лет за останатите патници. Но, нејзината објава наиде на бурна реакција, а многу корисници ја обвинија дека е бездушна и дека го малтретира детето.

Многу други коментираа дека овој инцидент може негативно да влијае врз менталното здравје на детето.

Повеќе кинески државни медиуми исто така се огласија, обвинувајќи ги двете жени за „неприкладно“ однесување и повикаа на поголемо разбирање на јавноста кон малите деца кои не може да ги контролираат своите емоции.

Изминатите години жалбите за мали деца кои плачат на летовите и во возовите редовно се „трендинг“ на кинеските социјални мрежи, а многумина ги обвинуваат родителите дека не прават доволно за да ги смират своите вознемирени деца.

Извор: Н1

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни