Но што навистина значи тој збор?
Од парадајз до патлиџан
Во Југославија имаше „парадајз туристи“. Тоа не беа сиромашни луѓе, туку патници кои во Грција откриваа нови вкусови, купуваа работи кои дома не постоеја, и со јадење на плажа кршеа локални норми. Со тек на време, парадајзот во Македонија се претвори во патлиџан – скромен зеленчук, кој како да најдобро го долови духот на туристот што носи тавче-гравче во гепек.
Во македонскиот речник, „патлиџан турист“ стана синоним за оној кој на море оди со домашна зимница, со кутија сарми, со тавче гравче во ладилник, со тегли ајвар во багаж. И наместо да се смета за креативно снаоѓање, тоа почна да се гледа како срам.
Забрането, ама кој те прашува
Да бидеме искрени – забраната за внесување храна во Грција не е од вчера. Формално, со години не смеело да се внесуваат месо, млечни производи или свежа храна. Но сите знаат дека автомобилите со ладилници и тегли поминувале граница како од филм – со полнети пиперки и домашни сирења што стигнувале до Ситонија. Прашањето е: колку навистина се почитувале тие забрани? Одговорот го гледавме на плажите.
Одмор или парада
Зошто на патлиџан туристите им се смеat? Затоа што денес одморот е статусен симбол, а не потреба. Не се прашуваш „каде ќе одморам?“, туку „каде ќе ме видат?“. Во таа логика, јадењето на сендвич на плажа изгледа како беда, а не како рационалност. Луѓето што се одлучуваат на вакви одмори се стигматизирани, бидејќи одбиваат да учествуваат во спектаклот на скапи коктели и хотелски ѕвезди.
Но токму тие патлиџан туристи, всушност, си дозволија нешто што многу „луксузни“ патници не го прават – вистински да се одморат. Да се исклучат од сметките, од шминките и од фотосесиите на Инстаграм. Тие создадоа свои пикник-експерименти на плажа, а со тоа и еден интимен семеен одмор, кој можеби бил поевтин, но бил автентичен.
Со растот на цените и економската несигурност, „патлиџан туризмот“ се враќа. Некои и понатаму ќе гледаат со потсмев, ќе коментираат дека е срамота да се носи сарма во куфер. Но вистинското прашање е друго: дали е посрамно да се носи патлиџан во багажник, или да се зема кредит за седум дена во хотел што повеќе наликува на сет за снимање отколку на место за одмор?