Колективна перформативна прошетка во јавен простор

Патека на солидарноста

Лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“ во рамки на СКОМРАХИ излегува од класичното поимање на театарот и за своја сцена го „поставува“ целиот град.Оваа изложба е повеќеслојна заедничка работа која ги спојува многуте форми на сценографии: простор, сцена, изложба, меморија, заедница и комуникација. Тоа покажува како перформансите активираат изложбен простор, како дизајнот поттикнува наратив и сценографијата станува активизам во и надвор од политичкиот контекст.

Филип Јовановски, стручен соработник на Архитектонски факултет УКИМ – Скопје и експерт од практика по предметот Сценографија  на ФДУ – Скопје, објаснувајќи го мотивот позади оваа перформативна прошетка низ Модерно Скопје вели: „Денес во градот Скопје, за жал, останати се само траги од модернистичката утопија создадена по разорниот земјотрес во 1963 година, редок идеал за град изграден по мерка на луѓето и нивното право да го користат. Многу од зградите/јавните простори кои се дел од светската модернистичка бруталистичка архитектура, изградени во постземјотресно Скопје, денес се напуштени, приватизирани или на друг начин распаднати и стојат како „антички“ урнатини во нашиот урбан и културен пејзаж.

Нашето општество тогаш имаше ретка можност да изгради нов град, нова идеја за иднината на општеството и идејата за заеднички живот, да го зајакне споделувањето и односот кон заедничкото, кон јавноста. Патеката на солидарноста ќе овозможи кратка прошетка низ овие „антички“ урнатини на градот Скопје, оформувајќи искуство преку споделување различни приказни, историски и градски наративи кои го претворија градот во сцена. Фигурата на Шетачката (Flâneuse) се појавува на сцената за да нè повика да не бидеме пасивни набљудувачи или скитници во модерниот град, туку активни агенти во доцниот капиталистички град и да преминеме од самосвест за урбаното искуство кон грижливо средство во реполитизацијата на заедничкото.“

„Турата“ која се случи вчера, на трети ноември, ја водеше: Мартина Даниловска (Студентка по актерска игра во класата 4та година на Факултетот за драмски уметности Скопје) , а соработници во рамки на изведбата на Скомрахи 2024 (студенти од факултетот за драмски уметности ФДУ – Скопје и Архитектонски факултет) беа:Мартина Петреска, Екатерина Добривојевска, Марија Аризанковска, Екатерина Николовска, Мартина Пенева, Димитар Милев.

Екатерина Николовска, студентка на Архитектонски факултет УКИМ Скопје и дел од овој проект го сподели својот поглед на Турата: „Оваа пракса го трансформира градот во главен актер, спојувајќи ја архитектурата и театарот за да се откријат заборавените наративи нуз урбаниот пејсаж.  Истражувањето на слоевитата историја на градот и неговата трансформација е театарска претстава сама по себе, откривајќи приказни, ликови, конфликти кои го обликуваат неговиот идентитет.

Екатерина Николовска

Врската помеѓу театарот и архитектурата станува очигледна во тоа како секој простор може да биде трансформиран во сцена. Архитектурата дава атмосфера и структура, додека театарот го претставува движењето и животот низ простори кои инаку би останале статични. Ова овозможува зградите и урбаните пејсажи да не се гледаат само како физички форми туку и како динамични раскажувачи. Историјата, амбиентот и употребата на просторот се сцени во претставата.

Преку оваа пракса се потикнуваат архитектите да го гледаат градот како жив организам кој континурано се трансформира. Секој објект и секоја градска точка содржат приказни кои го обликуваат градскиот идентитет. Архитектите треба да дизајнираат нови простори и објекти кои го почитуваат контекстот и минатото на градот.“

Мартина Даниловска, Студентка по актерска игра во класата 4та година на Факултетот за драмски уметности Скопје веќе некое време е дел од овој процес и ја искористивме приликата да и поставиме неколку прашања.

Мартина Даниловска

Трн: Што претставува оваа пракса за вас? Што е специфичноста?

Мартина: Кога прв пат дојдов во допир со ова, бевме фокусирани само на конкретни локации/објекти и со текот на времето самото истражување на нови ни даде инспирација за перформативност. Многу убаво искуство е да се гледа градот со едни други очи, а истовремено тоа да е поврзано со она кое најмногу сакаме да го правиме.

Трн: Дали и како ја наоѓате врската театар и архитектура преку оваа пракса?

Мартина: Излегувањето надвор од “очекуваното” за театарот ни нуди да видиме каде се може да му го најдеме местото. Уште поинтересно е дека до сега ни се покажал супер функционален овој пристап, бидејќи освен за нас, и даваме едно ново искуство и на публиката.

Трн: Како овој пристап на истражување на градот користејќи перформативни средства, влијае и е значаен за вашата професија?

Мартина: Мене лично ми помага со тоа што ме мотивира да ја пуштам мојата креативност и имагинација на максимум и да наоѓам решенија и начини како да искористам еден простор како актерско средство.

Што е Лабораторијата за просторно изведувачки практики?

Лабораторијата за просторно изведувачки практики претставува интердисциплинарна платформа која се надоврзува од долгорочниот уметничко-кураторски проект „Градот како сцена“, инициран од Филип Јовановски.

Оваа лабораторија, преку создавање активности, кои најчесто имаат перформативен завршеток, има за цел да истражува различни медиуми и нивната интердисциплинарна конекција – визуелна уметност,  архитектурата, театар, видео, филм и просторни инсталации. Пристапот и методата на работа, исто така, ја истражува уметничката изразност и потенцијал и во областа на сценографијата  како и нејзиното проширено значење, често артикулирано низ новите/современи дефиниции  на терминот сценски дизајн, „нова” дисциплина која обединува во себе повеќе уметнички  медиуми и создава комплексен (сценски) простор на доживување.

Лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“во својот фокус го има истражувањето, разбирањето и создавањето на современиот јавен (изведбен) простор преку експериментален, процесен и колаборативен пристап.

Покрај вклученоста на студентите и граѓаните во работа кој претставува основа за градење на содржината на проектите со кои се занимава лабораторијата, ваквиот пристап овозможува и можност за активирање на соработка со разни институции на државата и локалната самоуправа, но и проектни соработки со слични колективи од регионот и од Европа кои веќе имаат остварено значителни успеси во процесите на одржување и надградување на вредностите поврзани со дискурсот на јавното во градовите. 

Овој пристап на работа е започнат со долгорочниот проект „Кога зградите би зборувале“ (2014 – ) каде во фокус на работата беше урбаната заедница (станарите) во киното на Железничка зграда (јавен простор) во Скопје, проект кој беше претставен во рамки на Прашкото квадриенале за дизајн на перформанс и простор (PQ2019),  добитник на главната награда „Златна Трига“ со следното образложение кое во најголема мера ја објаснува методата на работа во рамки на лабораторијата :

Оваа изложба е повеќеслојна заедничка работа која ги спојува многуте форми на сценографии: простор, сцена, изложба, меморија, заедница и комуникација. Тоа покажува како перформансите активираат изложбен простор, како дизајнот поттикнува наратив и сценографијата станува активизам во и надвор од политичкиот контекст“.

Фотографии: Павел Кардалевски 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни