„Парусион“ во МКЦ: фјужн што се создава во живо

Авторска музика, колективен ритам и современ звук на концерт во Скопје

Ансамблот Парусион на 28 јануари, со почеток во 20:15 часот, ќе одржи концерт во Младински културен центар (МКЦ) во Скопје. Настанот е најавен како вечер посветена на авторската музика, современиот фјужн израз и ритамот како централна движечка сила на музичката мисла.

Концертот е наменет за публика што бара жива и современа музика, каде фјужнот не функционира како стилска формула, туку како процес во постојано движење. Во фокусот е колективниот звук што се создава во моментот – преку импровизација, дијалог меѓу музичарите и директен контакт со публиката.

Формиран во 2003 година во Скопје, „Парусион“ е предводен од Михаил Парушев, композитор и тапанар чија музичка визија се движи низ различни жанровски слоеви – од акустични и електрични звучни пејзажи, преку полиритмија, до современ фјужн пристап што ги спојува јасната форма и слободната импровизација. По повеќе од две децении активна концертна работа, ансамблот функционира како отворен колектив, во кој секој музичар активно учествува во обликувањето на заедничкиот звук.

Во актуелната концертна постава, покрај Парушев на тапани, како постојан член од 2003 година се издвојува гитаристот Зоран Костадиновски, чиј израз комбинира ритмичка стабилност и истражувачки пристап. Звучната палета дополнително ја проширува трубата на Трајче Велков, која внесува јасни мелодиски линии и динамична боја, како и саксофонот на Петар Колевски, кој се движи меѓу џез-фрази и слободна импровизација.

Хармонската и структурната основа на ансамблот ја гради пијаното на Јован Цветковиќ, додека бас линијата на Иван Бејков ја заокружува целината со стабилна и длабока основа. Ритмичкиот спектар дополнително го проширува Горан Трајков со тарабука и перкусии, внесувајќи етно и ориентални нијанси во фјужн контекстот.

Михаил Парушев е роден во 1976 година во Скопје, во семејство на музичари. Ритамот станува негов прв јазик уште на четиригодишна возраст, а на шест години тапаните веќе се негов примарен инструмент. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде ја зацврстува формалната основа врз која гради слободен, авторски и истражувачки пристап.

Неговиот талент е рано препознаен – во 1992 година е прогласен за најдобар тапанар на Скопскиот рок фестивал, а од 1989 година па сè до денес континуирано настапува на домашната и меѓународната сцена. Авторскиот фокус дополнително е потврден со соло албумот Агол, издаден во 2022 година.

Во рамки на концертот во МКЦ, „Парусион“ ќе изведе авторски композиции што постојано се трансформираат на сцена, оставајќи простор за импровизација и спонтан дијалог меѓу музичарите. Паралелно со тековните настапи, ансамблот работи и на нов авторски материјал, како и на современи обработки на традиционални македонски песни, истражувајќи ја границата меѓу музичкото наследство и модерниот фјужн израз.

Концертот во МКЦ претставува покана за сите што ја доживуваат музиката како жив процес – каде ритамот не се слуша само, туку се споделува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни