Партијата на Мелони со „карбонара“ офанзива во Европскиот парламент

Партијата „Браќа на Италија“ на италијанската премиерка Џорџа Мелони покрена нова критика во Европскиот парламент – овојпат поради продажба на производи со „италијански стил“ во маркетот во зградата во Брисел.

Италијанските конзервативци оценија дека европските институции дозволуваат заблуда на потрошувачите, бидејќи на полиците се продаваат сосови со италијанско знаме и италијански имиња, иако не се произведени во Италија.

Делегацијата на „Браќа на Италија“ најави дека до претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, ќе достави официјално писмо за овој проблем. „Неправилната употреба на симболи или упатувања на италијанско потекло за производи кои не доаѓаат од Италија може да претставува измамничка практика“, изјави Карло Фиданца, шеф на делегацијата, повикувајќи се на европската регулатива против погрешно рекламирање.

Поводот дојде откако италијанскиот министер за земјоделство, Франческо Лолобриџида, објави фотографии од сосови произведени во Белгија, обележани со италијанско знаме и италијански звучни имиња, меѓу кои и познатиот сос за карбонара. Лолобриџида побара итна проверка.

Euronews потврди дека ваквите производи навистина се продаваат во маркетот на Европскиот парламент. Иако е јасно наведено дека само дел од состојките се италијански, пакувањата содржат визуелни елементи поврзани со Италија.

Интересно е што „карбонара“ сосот што се продава содржи павлака и панчета – состојки кои не се дел од традиционалниот рецепт, кој строго бара гуанчиале и никако не дозволува крем. Но тоа не беше главната забелешка на министерот.

Ова е само најновата „гастрономска битка“ на партијата на Мелони. Претходно, тие се спротивставуваа на користење месни термини за растителни производи, како и на производство на лабораториски одгледано месо во Италија, што во земјата е веќе законски забрането.

Темата не е нова ниту за Лолобриџида, кој пред две години предизвика бурни реакции со изјавата дека „во Италија сиромашните јадат подобро од богатите“. Во земјата често се критикува и употребата на претходно подготвени сосови, бидејќи Италијанците се гордеат со традиционални рецепти и квалитетни состојки.

Контроверзиите околу карбоната, како симбол на италијанската кујна, се повторуваат. Во 2024 година, американскиот производител Heinz ја разбранува италијанската јавност со најавата за карбонара во конзерва, што познатиот готвач Алесандро Пиперо го оцени како „храна за мачки“.

Извор: Euronews

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни