Холандскиот крајно десничарски политичар Герт Вилдерс денес ја повлече својата партија од владејачката четиричлена коалиција поради несогласувања околу ограничување на миграцијата – потег што може да значи крај на 11-месечната влада на премиерот Дик Шоф.
Дека неговата Партија за слобода повеќе не е дел од владата, Вилдерс го објави на Икс (поранешен Твитер), по краток состанок со лидерите на четирите партии кои ја сочинуваат веќе поделената влада.
Владината криза доаѓа само три недели пред самитот на НАТО лидерите, чиј домаќин треба да биде Холандија од 24 до 26 јуни.
По денешниот состанок во парламентот, Вилдерс им изјави на новинарите дека ја повлекува поддршката за коалицијата и ги повикува министрите од редовите на неговата партија да ја напуштат владата.
„Се залагам за најстрога азилска политика, а не за пропаст на Холандија“, изјави Вилдерс.
Претседателот на Народната партија за слобода и демократија, Дилан Јесилгоз, рече пред состанокот дека премиерот Шоф ги повикал коалициските лидери да се однесуваат одговорно:
„Премиерот утринава ни рече дека се соочуваме со огромни меѓународни предизвици – имаме војна на нашиот континент, можеби не очекува економска криза“, изјави Јесилгоз во парламентот.
Но, само неколку минути подоцна, состанокот беше завршен – како и учеството на Вилдерс во владата.
„Сум шокиран“, рече Јесилгоз, нарекувајќи ја одлуката на Вилдерс „крајно неодговорна“.
По години во опозиција, партијата на Вилдерс освои најмногу гласови на парламентарните избори во ноември 2023 година, ветувајќи ригорозна контрола на миграцијата. Сепак, неговото незадоволство од темпото на спроведување на тие политики во владата постепено растеше.
Минатата недела, Вилдерс побара коалициските партнери да потпишат план со 10 точки за драстично намалување на бројот на мигранти, вклучувајќи употреба на војска за обезбедување на копнените граници и целосно одбивање на сите барања за азил. Тој тогаш порача дека неговата партија ќе ја напушти владата доколку имиграциската политика не се заостри.