Парламентарни избори во Молдавија: Европа или Русија – клучна одлука за иднината на земјата

Молдавија денеска гласа на парламентарни избори кои ќе ја определат нејзината иднина – приближување до Европската Унија или враќање под влијание на Русија. Главни теми: евроинтеграции, економија и безбедност.

Денеска, на 28 септември, во Молдавија се одржуваат парламентарни избори кои се сметаат за клучни за идната надворешно-политичка ориентација на земјата — кон Европската унија или Русија.

Според анкетите, се очекува тесна трка помеѓу проевропската партија „Акција и солидарност“ (PAS) на претседателката Маја Санду и проруските партии обединети во Патриотскиот блок, објави Дојче веле (DW).

На изборите ќе се бираат 101 пратеник во еднодомниот парламент. Иако Молдавија има нешто помалку од 2,5 милиони жители, со над 800.000 гласачи во дијаспората, вкупниот број на избирачи е околу 3,3 милиони.

Во изборната трка учествуваат 23 партии, коалиции и независни кандидати.

Обвинувања за руско мешање и поврзаност со Србија

Во неодамнешно драматично обраќање, претседателката Санду обвини дека Москва се обидува да го загрози суверенитетот и независноста на Молдавија, како и нејзината европска иднина. Ова следеше по серија рации и апсења на десетици лица осомничени за учество во руски план за дестабилизација на земјата.

Во тој контекст се споменува и Србија, каде што, според молдавските власти, голем дел од уапсените патувале систематски, каде биле тренирани за создавање немири за време на изборите.

Полицијата открила група луѓе на возраст од 19 до 45 години, кои добивале по 400 евра за секое патување и, меѓу другото, биле обучувани да пробиваат полициски кордони, користат гумени палки, лисици, па дури и огнено оружје.

Главниот координатор на обуките, според молдавскиот разузнавачки сервис (SIS), е лице со прекар „Бес“ (демон), претставен како руски разузнавач, чиишто идентитет сѐ уште не е потврден. Втор организатор е Андреј Павлов, офицер во руското Министерство за одбрана.

Партиите и натпреварот за власт

Владејачката партија PAS се надева дека ќе ја задржи својата парламентарна мнозинска позиција. Маја Санду е избрана за претседател во 2020 година, а повторно е реизбрана во 2024.

Главен противник е Патриотскиот блок, составен од неколку проруски партии, меѓу кои и Партијата на социјалистите, чиј лидер Игор Додон беше поразен од Санду на претседателските избори.

Анкетите предвидуваат дека PAS можеби ќе ја загуби апсолутната мнозинска поддршка, што би ја натерало да бара коалициски партнери, како популистичката „Наша партија“ и алтернативни проевропски блокови.

Клучни теми: Европа или економија

Главната тема на изборите е дали Молдавија ќе се приближи кон ЕУ. PAS има амбиција земјата да стане членка на ЕУ до 2030 година, сметајќи дека тоа е клучно за економската стабилност и заштита од руско влијание.

Но, дел од граѓаните се повеќе загрижени за економските проблеми, особено високата инфлација, која по руската инвазија врз Украина во 2022 година достигна речиси 29%, а во август 2025 изнесуваше 7,3% – и понатаму над просекот на ЕУ.

Иако Санду на референдум во 2024 побара поддршка за членство во ЕУ, само 50% од гласачите ја поддржаа таа насока.

Геополитика и безбедност

Молдавија се наоѓа на околу 50 километри од границата со Украина, и од почетокот на војната прими повеќе од 1,3 милиони бегалци, од кои околу 100.000 останале во земјата — огромен товар за држава со 2,4 милиони жители.

Иако претседателот се избира директно, парламентот има клучна улога, вклучително и во формирањето на владата и носењето закони потребни за евроинтеграции.

Повеќински проевропски парламент би ја олеснил интеграцијата во ЕУ, додека пратенички состав под влијание на проруските сили може да предизвика политичка блокада и конфронтации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни