Од 1 април стапуваат на сила нови правила за зонско паркирање во Општина Аеродром, со кои жителите ќе можат бесплатно да паркираат само во зоната за која имаат дозвола.
Станарите ќе добијат можност за две бесплатни дозволи за возила, но паркирањето во други зони ќе се наплаќа.
За останатите корисници, цената ќе изнесува 25 денари по час.
Новите правила важат и за физички и правни лица со дозволи, како и за вработени во фирми кои се наоѓаат во одредена зона.
Од Општината најавуваат дека системот постепено ќе се проширува, а во наредниот период се очекува ваков режим да биде воведен и во Ново Лисиче.
Одлуката предизвика реакции кај дел од граѓаните, кои сметаат дека системот ќе создаде дополнителни трошоци за секојдневни активности како одење во маркет, училиште или здравствена установа.
Некои од нив прашуваат и дали навистина била спроведена анкета меѓу жителите, на која општината се повикува како основа за воведување на новиот режим.
Надлежните засега не дадоа дополнителни појаснувања за деталите од анкетата, но потврдуваат дека системот има за цел подобра организација на паркирањето во општината.