Ѓорѓиевски ја смени одлуката за паркирање во Аеродром

По реакции од граѓаните, резидентите во Аеродром повторно ќе можат да паркираат во сите зони.

По силни реакции од граѓаните, Град Скопје се повлече од првичната одлука со која паркирањето требаше да биде ограничено само во зоната на живеење.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека ќе продолжи да важи старото правило, според кое резидентите можат да паркираат на сите зони во Општина Аеродром без дополнителен надоместок.

„Ова е директен одговор на барањата на граѓаните и доказ дека нивниот глас се слуша“, изјави Ѓорѓиевски.

Одлуката доаѓа по лавина реакции, откако беше најавено воведување на ограничување кое ќе дозволува паркирање само во матичната зона.

Иако дел од жителите ја поздравија промената, велат дека проблемот со паркирањето останува и бараат повеќе паркинг места и изградба на катни гаражи.

Од советничката група на СДСМ во Општина Аеродром побараа и одложување на воведувањето на новата зона D12, предупредувајќи дека тоа може дополнително да го влоши проблемот во Ново Лисиче.

Според нив, недостигот на паркинг веќе е сериозен, особено по воведувањето на зонско паркирање околу трговските центри.

Тие предупредуваат дека селективниот пристап може да доведе до пренасочување на возилата кон нерегулирани делови, што ќе создаде дополнителен хаос.

Прашањето за паркирањето во Аеродром останува отворено, со очекувања за нови решенија од локалните власти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни