Паркингот на Клинички центар – Децениски проблем за пациентите и за вработените за кој никој нема решение

Паркингот на Клиничкиот центар располага со вкупно 1.000 паркинг места, а само во еден ден влегуваат околу 5.000 возила, вклучувајќи ги и возилата на вработените во центарот.Во Клиничкиот блок Мајка Тереза се паркира секаде. На тротоарите, на тревниците, на влезовите од клиниките на двосмерните улици кои стануваат едносмерни. Возилата на брза помош се често заглавени особено во пристапот кон Клиниката за детски болести и Клиниката за кардилогија. А за сиот овој хаос сите се прогласуваат за ненадлежни. Министерството за внатрешни работи одговорија дека тие немаат надлежност да интервенираат на паркинзи од ваков вид. Нема ниту „Пајак службата“. Правилата и законите кои важат во градот, не важат на Клиничкиот центар. Таму важи хаосот.

Паркингот на Клиничкиот центар е долгогодишен проблем за пациентите и за здравствените работници, а хаосот што се создава на дневна база продолжува да се влошува. Постојано има недостиг на паркинг-места, неорганизирани и неадекватно обележани паркиралишта, како и тешкотии при пристапот до паркинг. Сето ова претставува сериозен проблем за сите корисници на услугите на оваа здравствена институција и за нејзините вработени.

Секој ден амбулантните возила со потешкотии се пробиваат низ топлата луѓе и непрописно паркирани возила. Во овој хаос престојот на Клиничкиот центар често се претвора во бескрајно барање паркинг и пропуштени термини за прегледи до кои и онака тешко се доаѓа.

Иако проблемите се познати и одамна е вклучен алармот, институциите меѓусебно ја префрлаат одговорноста, со што се чини дека решението се одложува на неопределено време. Пациентите и сите оние кои мора да дојдат на некоја клиника, остануваат заглавени во лавиринтот на улици, без никаква конкретна иницијатива за решавање на проблемот.  

1.000 паркинг места за 5.000 возила

Паркингот на Клиничкиот центар располага со вкупно 1.000 паркинг места, а само во еден ден влегуваат околу 5.000 возила, вклучувајќи ги и возилата на вработените во центарот. Со него во моментов се уште стопанисува ЈП „Градски паркинзи“.

Во 2005 година, шесте паркинзи во Клиничкиот центар, од страна на тогашниот директор Андреа Арсовски, беа за прв пат издадени под закуп на приватен сопственик – фирмата “Венекс”, која управувала со паркинг услугите во следните осум години и се проценува дека имала заработувачка меѓу 100.000 и 200.000 евра годишно. За ова време, “Венекс” наплаќа паркинг-места и од вработените и од пациентите, инвестирајќи спред нив, 400 илјади евра за воведување електронски рампи кои не го решаваат ни одблиску проблемот со паркингот.

Реконструкција во 2022 година

Од 2013 година до денес, со паркингот стопанисува ЈП „Градски паркинзи“. Во 2020 година, во време на падемијата на “КОВИД-19”, тогашниот градоначалник Петре Шилегов одлучи да го реконструира паркингот. Со подршка на Министерството за здравство и тогашниот министер Венко Филипче, беа отворени два нови влеза, брза лента која треба да се користи само од брзата помош, исто така беа направени и дополнителни паркинг зони и тоа позади Инфективаната клиника и пред Клиниката за гинекологија. Со ова се прошири бројот на паркинг места и се направи проток на возилата за Брза помош, но само до Ургентниот центар. Проблемот со движењето на возилата за брза помош низ клиничкиот блок не се реши и тие практично се заглавени по уличките.

Со проширувањето на бројот на паркинг места не се реши до крај проблемот со хаосот и гужвите. Пациентите некогаш трошат и по половина час и повеќе, за да најдат паркинг место. Вработените немаат паркинг простор само за нив, што е особен проблем кога треба да дојдат на повик или дежурство.

Во Клиничкиот блок Мајка Тереза се паркира секаде. На тротоарите, на тревниците, на влезовите од клиниките на двосмерните улици кои стануваат едносмерни. Возилата на брза помош се често заглавени особено во пристапот кон Клиниката за Детски Болести и Клиниката за Кардилогија.

А за сиот овој хаос сите се прогласуваат за ненадлежни. Од Министерството за внатрешни работи одговорија дека тие немаат надлежност да интервенираат на паркинзи од ваков вид. Нема ниту „Пајак службата“.

Правилата и законите кои важат во градот, не важат на Клиничкиот центар. Таму важи хаосот.

Нов тендер за нова концесија

Министерството за здраство со цел да го реши овој проблем, на 15-ти ноември минатата година, објави оглас за јавно-приватно партнерство.

-Министерството за здравство работи на решавање на долгогодишниот проблем со паркинг во Клинички центар и за таа цел беше распишан јавен повик за јавно приватно партнерство за изградба на катни гаражи во рамки на Клиничкиот центар. Во постапката е примена една понуда, која е евалуирана и потребно е да се закаже е-аукција за поднесување конечна понуда, по што ќе следи потпишување договор.” велат од Министерство за здраство. 

Идејата велат е преку јавно-приватно партнерство да се избере концесионер за изградба на две катни гаражи и стопанисување со целиот паркинг простор на Клинички. Инвестицијата се проценува на 10 милиони евра, добивката за 20 години на 18-20 милиони евра, а државата ќе добива само 1% од годишните приходи.

Основата за давањето на паркингот на Клинички под концесија е физибилити студија изработена за време на мандатот на Никола Тодоров, во периодот меѓу 2011 и 2017 година која понатаму е дополнувана и менувана.

Според јавно достапната документација и одговорите од министерството, планот е да се изградат две монтажни катни гаражи. Едната монтажна гаража би била изградена на паркингот кај Клиниката за гинекологија на површина од 3 500 метри квадратни со приземје и две нивоа. Со тоа би се обезбедиле вкупно 350 паркинг места. Втората би била на паркингот во близина на Ургентниот центар на површина од  4 932 метри квадратни, исто со приземје и две нивоа. Според плановите, таа би додала вкупно 493 паркинг места.

Според условите во огласот на Министерството за здравство, чиј рок за поднесување понуди е изминат, гаражите треба да ги изгради приватниот партнер кој би стопанисувал и со целиот паркинг на Клинички, со кој сега менаџира ЈП „Градски паркинг“. Негова обврска би била да ги проектира, изгради, управува и понатаму да ги одржува монтажните гаражи, и останатите паркинг.

Министерството за здравство проценува дека инвестицијата во двете монтажни катни гаражи би го чинела идниот концесионер 10 милиони 370 илјади евра.

Рокот за поднесување понуди заврши на 16 декември 2024 година. Според информациите од Министерството за здравство, постапката е во фаза на евалуација. Но, и нема многу што да се споредува бидејќи се пријавила само една компанија. Од Министерството не ни го открија нејзиното име, бидејќи така налага процедурата.

Решение или нов проблем?

Во потрага по коренот на проблемот се упативме на Клинички центар, за на лице место да се увериме за овој сериозен проблем. Бевме сведоци на неколку ситуации во кои пациенти паркираа каде што стигнаа, други нервозно брзаа на предглед, а трети беа ‘заглавени’ во амбулатно возило кое едвај се пробиваше низ лавиринтот наречен Клинички центар.

Паркингот во Клиничкиот центар продолжува да бидe голем предизвик за здравството, кој ја нагласува сериозната неефикасност во управувањето со јавните ресурси. Овие проблеми остануваат рак рана, кои го ограничуваат развојот и квалитетот на јавните услуги. Без значајни вложувања и реформи, здравствениот систем и паркирањето ќе продолжат да го влошуваат квалитетот на животот на граѓаните. И покрај напорите да се најдат решенија, овие области и понатаму остануваат на маргините на вистинските општествени приоритети.

Репортер Сара Танаскоска

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни