Американскиот министер за финансии Скот Бесент ќе се сретне со кинескиот заменик-премиер Хе Лифенг во Париз во недела и понеделник, во рамките на нова рунда трговски преговори меѓу САД и Кина. Средбата се смета за подготовка за државната посета на претседателот Доналд Трамп во Кина, која се очекува да започне на 31 март, иако Пекинг сè уште не ја потврдил официјално.
Бесент истакна дека „заради меѓусебното почитување помеѓу претседателите Трамп и Си Џинпинг, трговскиот и економски дијалог напредува. Нашиот тим ќе продолжи да постигнува резултати кои ги ставаат американските земјоделци, работници и компании на прво место“.
Кинеското Министерство за трговија потврди дека Хе ќе патува во Франција и дека двете страни ќе разговараат за „трговски и економски прашања од заеднички интерес“.
Сепак, Министерството за трговија издаде посебно соопштение поради новата трговска истрага на администрацијата на Трамп против 16 трговски партнери, вклучувајќи ја и Кина, предупредувајќи дека тоа „може сериозно да го загрози меѓународниот економски и трговски поредок“. Истрагата може да отвори пат за воведување нови царини.
„Кина внимателно ќе ја следи ситуацијата и го задржува правото да преземе сите потребни мерки за одлучна заштита на своите легитимни права и интереси“, наведува Министерството во соопштението.
Ова следува по одлуката на Врховниот суд кој ги поништи глобалните царини воведени од Трамп минатата година, што веќе резултираше со намалување на царините за земји како Кина.
Претстојната посета на Трамп ќе биде прва посета на американски претседател во Кина од неговиот прв мандат во 2017 година. Таа следува пет месеци откако лидерите се сретнаа во јужнокорејскиот град Пусан и договорија едногодишно примирје во трговската војна, што привремено ја намали размената на царини.
Пословната заедница и аналитичарите внимателно ќе го следат состанокот на Бесент и Хе, кој може да покаже каков договор би можел да се постигне при средбата на претседателите Трамп и Си, вклучувајќи ја можноста Кина да купи повеќе американски производи како соја и авиони и начинот на управување со трговскиот дисбаланс.