Новиот директор на париската полиција го одби барањето во Лувр да се отвори полициска станица

И покрај зголемените безбедносни ризици и барањата од управата на музејот, полицијата во Париз смета дека постојните мерки се доволни за заштита на најпосетуваниот музеј во светот.

Новиот директор на париската полиција, Лоран Нунез, го одби барањето на управата на музејот Лувр за отворање постојана полициска станица во рамките на објектот, јавуваат француските медиуми. Според Нунез, безбедносните сили веќе имаат засилено присуство околу музејот и нема потреба од дополнителна станица во самиот простор.

„Безбедноста на Лувр е загарантирана. Во координација со приватното обезбедување и државните сили, присуството на полицијата е континуирано и ефикасно“, изјавил Нунез, нагласувајќи дека во моментов нема оперативна или логистичка оправданост за отворање нова полициска станица во музејот.

Од управата на Лувр изразиле загриженост поради растечкиот број на посетители, но и поради заканите што ги добиваат музеите во Европа во последните месеци. Според нив, присуството на полициска станица би имало и превентивна улога, особено во време на геополитички тензии и сè почести протести во центарот на Париз.

Нунез, кој неодамна ја презеде функцијата директор на полициската префектура на Париз, изјави дека полицијата ќе продолжи да соработува со музејот и дека ќе се разгледаат други решенија за подобрување на координацијата и брзината на интервенции во случај на инциденти.

Музејот Лувр, кој е еден од најзначајните културни симболи на Франција, годишно го посетуваат повеќе од 8 милиони туристи. Безбедноста во и околу објектот е под посебен надзор уште од терористичките напади во 2015 година, а според француските власти, ризиците и натаму се високи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни