Парализиран човек се вратил на нозе по една инјекција на нов третман

Еднократно вбризгување на матични клетки би можело да стане лек за луѓето парализирани по повреди на ‘рбетниот мозок. Научникот за матични клетки Хидејуки Окано, од Универзитетот Кеио во Јапонија, штотуку објави дека целосно парализиран човек сега може повторно да стои и да научи да оди, откако добил инјекција со репрограмирани матични клетки.

Пациентот бил еден од четворицата Јапонци кои ја примиле инјекцијата набргу по катастрофалните повреди кои ги оставиле парализирани. Вториот пациент во првата студија од ваков вид сега може да придвижи некои мускули на рацете и нозете.


Иако научниците рекоа дека ќе бидат потребни подолги клинички испитувања, раните резултати укажуваат на 50-50 проценти шанса матичните клетки да ја вратат способноста на парализираниот пациент повторно да се движи.

Окано истакна дека медицинското испитување користело индуцирани плурипотентни матични клетки (iPS), што во основа значи дека тие се нормални возрасни клетки кои се репрограмирани да дејствуваат како ембрионски матични клетки пронајдени кај неродени бебиња.

Овие матични клетки имаат моќ да се трансформираат во било кој тип на клетка што му е потребна на телото, што ги прави неверојатно вредни за лекарите кои бараат нови начини за лекување на сериозни повреди.

Повеќе од 15 милиони луѓе ширум светот моментално живеат со повреда на ‘рбетниот мозок, а најголемиот дел од овие пациенти се мажи.

„Ова е драматично закрепнување. Лицето сега вежба одење“, рече Окано за пациентот кој може повторно да стои.

Новиот извештај во списанието Nature откри дека сите четворица пациенти примиле инјекција од два милиони iPS клетки директно во местото каде што се нивните повреди.

Тимот на Окано се надеваше дека матичните клетки ќе се претворат во неврони (нервни клетки) и глијални клетки – клетки кои ги држат нервните клетки на место за да можат да ја завршат својата работа.

Мажите кои учествуваа во експериментот беа постари од 60 години кои претрпеле повреди на ‘рбетниот мозок две до четири недели пред постапката со матични клетки.

Клетките беа земени од донатори откако програмата доби целосна поддршка од јапонската влада во 2019 година. Пред тоа, Окано покажа како репрограмираните клетки можат да ги регенерираат невроните кај мајмуните парализирани поради повреда на ‘рбетниот мозок.

Откако беше добиено одобрение за испитувања на луѓе, во декември 2021 година се појави идеален пациент, по што следеа уште три жртви на повреда на ‘рбетниот мозок во 2022 и 2023 година. Истражувачите оттогаш ги следат овие пациенти, надевајќи се дека клетките ќе почнат да растат повторно и ќе ги заменат оштетените делови на’ рбетниот мозок, што ја спречува комуникацијата помеѓу мозокот и екстремитетите.

По една година следење, се покажа дека нема несакани ефекти од инјекциите со матични клетки и дека половина од групата почнала да покажува забележителни подобрувања.

Пред да го започнат овој медицински експеримент, научниците користеле други видови матични клетки со мешани резултати.

Џејмс Сент Џон, невронаучник од Универзитетот Грифит во Австралија, призна дека „ништо досега не функционирало“.

Претходните експерименти вклучуваа користење на клетки земени од човечка коскена срцевина, клетки за градење мускули собрани од донатори и ембрионски матични клетки извлечени од фетуси.

Во новата процедура, научниците зедоа клетки од лесно достапни области, како што се кожата или крвта на возрасен дарител. Истражувачите потоа користеле сет од четири специфични гени кои ги вметнале во собраните клетки – вртејќи го часовникот назад и принудувајќи ги да се претворат во матични клетки.

Научниците ги инјектирале овие гени во клетките користејќи носители како што се безопасни вируси или mRNA – истите алатки што се користат за производство на вакцини.

Шиња Јаманака, добитник на Нобеловата награда за медицина во 2012 година, е заслужна за првото откривање на овие генетски прекинувачи за репрограмирање на клетките. Може да поминат неколку недели пред возрасните клетки да почнат да ги губат своите специјализирани својства и да се вратат во нивната младешка состојба, во матични клетки.

Откако сите ќе се претворат во матични клетки, лекарите можат да ги инјектираат во делови од телото каде што има оштетување или дегенерација. Ако успеат, клетките ќе почнат да се однесуваат како клетки кои недостасуваат или се оштетени – во суштина повторно растат во тие делови од телото – лигаментите на коленото, мрежницата на окото или ‘рбетниот мозок.

„Тоа е одличен позитивен исход. Многу е возбудливо“, додаде Сент Џон, но тој исто така предупреди дека има уште долг пат пред ова откритие да стане дефинитивен лек за повреди на ‘рбетниот мозок.

Сент Џон, кој има спроведено свои испитувања со матични клетки за повреди на ‘рбетниот мозок, истакна дека секоја поединечна повреда е различна и дека истражувачите ќе треба да спроведат уште многу испитувања за да видат дали iPS клетките работат за сите видови повреди или само за одредени случаи на парализа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни