Последниве години се повеќе се зборува за ЛГБТИ лицата, нивната вклученост во општеството, почитувањето на нивните права како и одржувањето на настани, како Парада на гордоста. И Скопје се подготвува за својата Парада на гордост.
Под мотото „Горди и гласни“ годинава Парадата на гордоста ќе се одржи на 24 јуни, најавија на прес-конференција претставници од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.
Почетната точка ќе биде во паркот „Жена-борец“, каде во 17 часот ќе почне собирањето на учесниците, а во 19 часот по кратки поздравни говори, ќе почне протестниот марш по скопските улици според истата рута како и минатите години. Маршот ќе заврши со културно-музичката програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк.
Напредокот на полето на правата на ЛГБТ+ луѓето не е изедначен, ниту пак е доволен, а постојано е соочен со напади од сили кои се противат на универзалните човекови права. Токму затоа, Прајдот останува важна форма на протест на ЛГБТ+ заедницата против стигмата, предрасудите и насилството, велат организаторите.
„Во ваква непријателска средина кога говорот на омраза и насилствата се во пораст, а хомофобијата и трансфобијата стануваат доминанта позиција на носителите на моќ, да се биде Горд и Гласен претставува отпор и протест против системот кој угнетува. ЛГБТИ заедницата минала низ многу тешки периоди, ќе минеме и низ овој само со исправена глава, горди и гласни во остварувањето на нашата визија за свет на еднаквост и просперитет“, истакна Ирена Цветковиќ.
Новините во програмата на Скопје Прајд ги соопшти Кочо Андоновски, кој истакна дека Парадата се отвора како платформа за многу други каузи.
„Се отвараме за други групи кои сакаат својата порака да ја пренесат на јавноста. Тие беа присутни и во изминатите години, но тоа не беше организирано и некако се губеа сите тие пораки и транспаренти, така што оваа година ги повикуваме сите оние кои имаат свои кампањи, различни активности и сакаат да бидат препознаени со своите пораки и свои обележја да ни се јават“, рече Андоновски.
Скопје Прајд 2023, според организаторите, ќе понуди богата културно-забавна програма, со музички настапи во живо, настапи на дрег кралици од земјата и регионот и DJ-сетови.
„Белград Прајд 2023“ се закажа уште лани
Парада на гордоста во Белград годинава е закажана за 9 септември
Објавувањето на датумот на одржување на „Белград Прајд 2023“, речиси една година пред самото одржување на настанот, следуваше откако ланската Парада на гордоста во Белград, која што всушност беше дел од меѓународниот настан „Европрајд 2022“ беше одржана и покрај неколкунеделните тензии, забрани и неизвесност, а беше проследена и со инциденти. Организацијата на „Белград Прајд“ од полицијата и обвинителството тогаш побара да ги пронајде и гони сите насилници кон учесниците на „Европрајд 2022“ и јасно да покажат дека државата има волја и сила да се справи со насилниците и да гарантира безбедност на сите.
Како причина зошто настанот го пријавуваат речиси една година однапред, организаторите тогаш изјавија дека на тој начин им даваат доволно време на државните органи за подготовки за Прајдот. Традиционалната прошетка се одржа во Белград на 17 септември и покрај правните потешкотии со кои се соочија организаторите, вклучително и кога Управниот суд ја одби нивната жалба по забраната на протестниот марш.
Освен правните потешкотии за одржување на ланскиот Прајд во Белград, поворката беше проследена и од низа инциденти при што беа нападнати неколку ЛГБТИ активисти, претежно странски државјани од Албанија и Германија.
Хрватсака отвора се поголем простор за Парада на гордоста
Во текот на изминатите неколку години и децении, Парадите на гордоста во Хрватска зазема се подоминантна позиција, односно е се поблиска до пошироките маси на луѓе. Од 2002 година Загреб се приклучи на светските градови во кои ќе се случува Парада на гордоста. По него следуваше и Сплит во 2011 година, по што во 2014 се приклучи и Осиек. Неофицијално кон овие градови се приклучуваше и Риека, со статус на геј-пријателски град. На листата хрватски градови во кои се случува Парада на гордоста од оваа година е и Карловац.
На 3 јуни, во сите овие градови, Хрватска пулсираше во боите на виножитото. Организаторите во Карловац ги повикаа сите хетеросексални лица да им се придружат, со цел да се покаже единство помеѓу сите. Потенцирајќи дека е време сите луѓе да се еднакви без разлика на нивната сексуална ориентација.
Во Сплит на Парадата на гордоста одекнуваа прашања: „Кој зборува за нас?“
Активистите на овогодинешната парада упатија пораки преку транспаренти до надлежните за тоа кој и колку ги почитува правата на ЛГБРИ лицата. Тие упатија критики до сите кои не отвораат можност за да ја сфатат суштината преку едукација, туку грубо ги напаѓаат ЛГБТИ лицата. Исто така ги едуцираа присутните преку едукативни материјали во склоп на кампањите.
Pride Ride во Загреб
Иницијативата „Гордиот Загреб“ по четврти пат го организираше „Прајд Рајд“. Секоја година, тие возат нова рута и се потставуваат пред различен загребски кварт, со што покажуваат дека ЛГБТИ луѓето не се само луѓе кои маршираат низ центарот на Загреб еднаш годишно; тоа се и обични луѓе присутни во секој дел од градот.