„Пар – распар“ на Театар комедија, Скопје, е прогласена за најдобра претстава на 27-тиот Меѓународен фестивал „Денови на комедија 2024“ во Куманово, кој заврши вчера со премиерата „Како што сакате“ во режија на Срѓан Јаниќиевиќ.
Жирито на МТФ, во состав Александар Ивановски претседател и членовите Катерина Момева, Петар Андоновски, Ева Камчевска и Стефан Јакимовски, наградата за најдобар режисер ја доделија на Куштрим Бектеши за „Итроштините на Патук“ во изведба на Тетовскиот театар. Фаик Мефаиловски од Велешкиот театар ја доби наградата за најдобра главна машка улога, за најдобра споредна машка улога е прогласен Марко Трајковиќ за изведбата во „Како што сакате“ на Театар Куманово. Најдобра главна женска улога ќе и биде врачена на Марија Минчева Андонов за изведбата во „Женидба“ на Штипскиот театар, најдобра споредна женска улога, Марија Новак во „Секс, лаги и љубомора“ на Театар Охрид. Кумановскиот театар ги доби наградите за најдобра костимографија на Лидија Георгиева и за најдобра сценографија, Марија Ветерова.
На годинашново издание пред кумановската публика настапија Велешкиот театар со „Вечера за глупаци“, претставата „Секс, лаги и љубомора“ на Народен театар Охрид. Кумановци имаа можност да ги проследат и „Фустан за бегство“ на драматичен куклен театар од Враца, Република Бугарија, „Автопат Сагбама“ на Позориште „Бора Станковиќ“ од Врање, Србија, „Пар распар“ на Театар Комедија од Скопје, „Итроштините на Патук“ од Тетовскиот театар, „Се бара нов маж“ од драмско куклен театар Плевен, Бугарија, „Мажи во влечки“ на албанската драма на Театар Куманово, „Женидба“ на Народен театар Штип, „Кокошке“-Народен театар од Ниш.
Освен официјалната програма настапија и студентите од факултетите од државата.
Лауреат на годинашново издание е актерот Сашко Коцев за неговиот особен придонес во комедијата.