Лео, првиот папа од Северна Америка, беше избран во мај и на почетокот остави впечаток дека ќе ја врати традиционалната строгост. Неговите први потези, како носењето на класичната црвена мозета и преселбата во папската палата воместо во скромната резиденција на Франциск, им дадоа надеж на конзервативците за промена.
Но веќе по неколку месеци, се покажа дека новиот папа ја продолжува социјалната и хуманистичката мисија на својот претходник. На средба со американски бискупи, Лео повика на јавно спротивставување на тврдите имиграциски политики на Доналд Трамп, изјавувајќи дека вистинската „про-лајф“ позиција не може да се мери само со ставот кон абортусот, туку и со начинот на кој се третираат мигрантите.
Во својата прва апостолска порака „Dilexi te“ („Те возљубив“), делумно подготвена од папата Франциск, Лео истакна дека Црквата мора да ја продолжи борбата против „диктатурата на економијата што убива“ и да остане на страната на сиромашните.
Папата го поддржа и учењето за климатската правда, предупредувајќи дека некои светски лидери „ги исмеваат очигледните знаци на климатските промени“ и „ја обвинуваат сиромаштијата за последиците што најмногу ги погодуваат сиромашните“.
Според ватиканскиот аналитичар Кристофер Ламб, Лео е внимателен и дипломатичен, но решителен во своите ставови:
„Иако има потивка природа од Франциск, јасно е дека ја презема неговата мисија. Сега е јасно зошто конзервативците повторно го нарекуваат ‘woke папа’.“
Американските католици од конзервативниот спектар, блиски до движењето MAGA, очекувале „корекција на курсот“, но како што вели теологот Кристофер Вајт, „не можат така лесно да го отпишат Лео“, бидејќи, за разлика од Франциск, овој папа е Американец кој остро го критикува неконтролиранoто пазарно капиталистичко општество.
Лео XIV, велат аналитичарите, не бара конфронтација, но не ја жртвува вистината за мирот – и токму тоа го прави еден од најнеочекувано прогресивните и влијателни папи во поновата историја на Црквата.
Извор: The Guardian