„Со длабока тага ги следам трагичните вести што пристигнуваат од Судан, особено од градот Ел-Фашер, во маченичкиот Северен Дарфур“, изјави папата во неделата за време на молитвата на Плоштадот Свети Петар во Ватикан.
Тој предупреди дека во регионот се врши „несекирано насилство врз жени и деца“, а хуманитарната помош се соочува со бројни пречки.
„Повторно упатувам официјален апел до сите вклучени страни да воспостават прекин на огнот и итно да овозможат функционирање на хуманитарни коридори“, порача Лав XIV.
Граѓанската војна во Судан, која трае од април 2023 година, досега одзеде десетици илјади животи, а милиони лица се внатрешно раселени, што предизвика тешка хуманитарна криза, според податоците на Обединетите нации.
Војната започна со судирот меѓу генерал Абдел Фатах ел-Бурхан, командант на армијата и де факто лидер на Судан од државниот удар во 2021 година, и генерал Мохамед Дагло, командант на паравоените Сили за брза поддршка (RSF), кои сега го контролираат целиот регион Дарфур.
На 26 октомври, RSF по 18-месечна опсада го зазедоа градот Ел-Фашер, последниот што не беше под нивна контрола, при што илјадници цивили беа принудени да побегнат, а многумина беа убиени.
Папата ги повика верниците да се молат и за подобрување на состојбата во Танзанија, каде што во судирите по неодамнешните општи избори, исто така, загинаа повеќе десетици лица.
„Ги повикувам сите да се откажат од секој облик на насилство и да му дадат приоритет на дијалогот,“ заклучи поглаварот на Католичката црква.
Извор: N1info.rs