Во проповедта, папата истакна дека раѓањето на Исус во штала, поради тоа што немало место во гостилницата, е силна поука за верниците. „Одбивањето да им се помогне на оние на кои им е потребна помош е исто како да се одбие самиот Бог“, порача тој. Лав XIV, кој од почетокот на својот понтификат како клучни теми ги нагласува грижата за мигрантите и сиромашните, додаде дека Божјото присуство се препознава во секој човек.
„На земјата нема место за Бога ако нема место за човечкото битие. Да се одбие едното, значи да се одбие и другото“, рече папата пред околу 6.000 верници во базиликата.
За папата Лав XIV, првиот папа кој доаѓа од Соединетите Американски Држави, ова е првиот Божиќ откако во мај беше избран од кардиналите да го наследи покојниот папа Франциск. Во говорот тој упати критика кон негативниот однос кон имигрантите на американскиот претседател Доналд Трамп, повикувајќи се и на зборовите на папата Бенедикт XVI дека светот недоволно се грижи за децата, сиромашните и странците.
„Таму каде што нема место за човекот, нема место ни за Бога. Дури и шталата може да стане посвета од храмот“, нагласи Лав XIV.
Надвор од базиликата, на Плоштадот Свети Петар, околу 5.000 верници ја следеа мисата преку големи екрани, под силен дожд, со чадори и наметки. Папата излезе да ги поздрави пред почетокот на службата, заблагодарувајќи им се за храброста и желбата да присуствуваат и покрај лошите временски услови.
Денес, на Божиќ според грегоријанскиот календар, папата Лав XIV ќе служи уште една миса и ќе ја упати традиционалната божиќна „Порака до градот и светот“.
Извор: N1info.rs