Папата Лав во Турција: прво меѓународно патување со силна геополитичка тежина

Папата Лав денес го започнува своето прво патување надвор од Италија како поглавар на Католичката црква, избирајќи ја Турција како почетна станица на својата меѓународна мисија.
EPA-EFE/VATICAN MEDIA HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Очекувањата се дека ќе упати силни повици за мир на Блискиот Исток и ќе се обиде да го поттикне единството меѓу одамна разделените христијански цркви.

Првиот американски папа ја избра претежно муслиманската Турција за да ја одбележи 1700-годишнината од раниот црковен собор на кој било формулирано Никејското верување – основниот столб на христијанската доктрина што денес го споделува најголемиот дел од христијанскиот свет.

Програмата на папата во Турција е исклучително густа со активности пред неговото поаѓање за Либан, а неговите први говори во странство ќе бидат внимателно следени, особено имајќи го предвид чувствителниот историски и политички контекст на местата што ќе ги посети.

Во Анкара, папата ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и ќе се обрати пред турските политички лидери. Вечерта ќе отпатува за Истанбул, каде што ќе се сретне со патријархот Вартоломеј – духовниот лидер на околу 260 милиони православни христијани во светот.

Според аналитичарите, ова патување е клучно бидејќи е „прва вистинска можност“ да се чујат геополитичките ставови на новиот папа. Масимо Фаџоли, ватиканолог и универзитетски професор, за „Ројтерс“ изјави дека светската јавност сè уште не знае доволно за тоа како Папата Лав го гледа светскиот поредок, а токму Турција претставува сцена каде што тоа може да стане појасно.

Папата и патријархот Вартоломеј утре ќе патуваат во античкиот Изник, поранешна Никеја, каде што во 4. век било формулирано Никејското верување. Интерес предизвикува и тоа што папата планира да се обрати на англиски јазик, отстапувајќи од традицијата по која на меѓународни патувања говори на италијански.

По завршувањето на посетата на Турција, Папата Лав ќе замине за Либан, земја со најголема христијанска популација на Блискиот Исток. Ова патување ќе се одвива во период на растечки регионални тензии, особено по неодамнешниот израелски воздушен напад во јужните предградија на Бејрут, во кој беше убиен висок припадник на Хезболах.

Гласноговорникот на Ватикан, Матео Бруни, изјави дека се преземаат сите неопходни безбедносни мерки за посетата на Либан, но дека деталите не се откриваат од безбедносни причини. Либанските власти се надеваат дека папината посета ќе привлече меѓународно внимание врз земјата, која се бори со масовен прилив на бегалци, економска криза и политичка нестабилност.

Посетите на Турција и Либан ќе бидат пресвртница за Папата Лав, кој токму преку нив ќе го претстави својот пристап кон глобалните конфликти, меѓурелигискиот дијалог и иднината на христијанската солидарност.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни