Папата Лав Четиринаесетти денеска наполни 70 години, но и покрај јубилејот неговиот дневен распоред останува работен, јавија италијанските медиуми.
Официјална свеченост по повод роденденот на папата не е предвидена во Ватикан.
Во својата традиционална неделна молитва Лав Четиринаесетти денеска му се заблагодари на Бог, на своите роднини и на сите кои се молат за него.
На плоштадот верниците носеа плакати и балони на кои пишуваше „Среќен роденден“ и го поздравија со песна за неговиот јубилеј.
Мои сакани, како што изгледа знаете, денеска наполнив 70 години, изјави папата. „Му благодарам на Бог, на моите роднини и на сите кои ме спомнуваат во своите молитви“, додаде тој.
Кога беше избран за папа, Лав Четиринаесетти со своите 69 години стана најмладиот кардинал избран за поглавар на Римокатоличката црква од 1978 година, кога Полјакот Карол Војтила беше избран за папа Јован Павле Втори на 58-годишна возраст.
За својот роденден папата Лав доби многу цртежи од деца, испратени по пошта до Ватикан. Вчера тој доби и чоколадна торта од новиот амбасадор на САД во Ватикан.
Подоцна денеска папата ќе биде на црковен настан во базиликата „Сан Паоло фуори ле мура“.
Неговите роднини во САД и неговото августинско семејство, од кое потекнува Лав Четиринаесетти, исто така планираат да го одбележат јубилејот.
Лав Четиринаесетти доби и честитки од разни лидери по повод неговиот јубилеј.
„На денот на Вашиот 70-ти роденден, ве молам да ги прифатите најсрдечните честитки, кои со задоволство ви ги упатувам во име на италијанскиот народ, заедно со моите искрени желби за духовна и лична благосостојба“, се вели во честитката на италијанскиот претседател Серџо Матарела.