Понтифот, кој боледува од бронхитис, во петокот бил примен во болницата Гемели во Рим, откако наводно имал потешкотии со дишењето за време на еден од неговите состаноци.
Ватикан соопшти дека ќе преземе „некои неопходни дијагностички тестови и ќе го продолжи лекувањето за бронхитис, кое сè уште е во тек, во болничка средина“.
Планираното присуство на понтифот на аудиенција во сабота е откажано, додека мисата во базиликата Свети Петар во недела ќе ја одржи кардиналот Хозе Толентино де Мендонса. Откажана е и посетата на филмските студија Cinecittà во понеделник.
Франциск (88) одржа неколку состаноци во петокот пред да биде однесен во болница, вклучително и со Марк Томпсон, извршен директор на информативниот канал CNN, кој подоцна објави дека понтифот бил „ментално буден, но се борел да зборува подолг период поради тешкотии со дишењето“.
Папата, исто така беше хоспитализиран во март 2023 година со акутен бронхитис. Откако беше отпуштен, тој рече: „Сè уште сум жив“. Тој беше повторно примен во Гемели на здравствени контроли во јуни истата година и повторно во февруари 2024 година, откако страдаше од, како што рече, „мала настинка“.
На Франциск му беше отстранет дел од белите дробови во раните 20-ти додека учел за да стане свештеник во родната Аргентина. Во јуни 2021 година, тој беше подложен на операција на дебелото црево.
Последните години Папата често може да се види во инвалидска количка или со стап за одење поради болка во ијатичниот нерв и проблем со коленото. Во јануари, тој ја повреди десната подлактица откако падна во неговата резиденција Каса Санта Марта, а на 1 февруари се сопна откако му се скрши стапот додека влегуваше во аудиториумот на Ватикан.
Франциск, чиј распоред се интензивираше поради овогодинешниот католички јубилеј, често алудираше на оставка ако лошото здравје го спречува да ја врши својата работа. Во 2023 година, тој откри дека го избрал своето погребно место – базиликата Санта Марија Маџоре во населбата Ескилино во Рим – кршејќи ја долгогодишната традиција на папите да се погребуваат во грото под базиликата Свети Петар.