Според официјалното соопштение, здравствената состојба на папата покажува „натамошно благо подобрување“. Тој сè уште прима кислород, но нема дополнителни респираторни кризи, а проблемот со „благата бубрежна инсуфициенција“ е успешно решен.
Лекувањето на пневмонијата напредува со вообичаено темпо, а крвните анализи покажуваат добри резултати. Сепак, лекарите остануваат внимателни во прогнозите.
Третата ноќ по ред, католиците се собираат пред скалите на базиликата Свети Петар за да се молат за здравјето на папата.
Меѓу присутните биле монахињи со броеници, свештеници и туристи кои им се придружиле на молитвените бдеења. Овие ноќни собири започнаа во понеделник, откако здравствената состојба на 88-годишниот поглавар на Католичката црква се влоши за време на викендот.