Папата Лав XIV ќе отпатува во четврток на своето прво патување надвор од Италија како поглавар на Католичката црква, кое ќе го однесе во Турција и Либан. Целта на патувањето е да се апелира за мир во регионот и да се повика на единство меѓу долго поделени христијански цркви.
Лав XIV е првиот американски поглавар на Римокатоличката црква и во рамките на својата посета од 27 ноември до 2 декември ќе посети и неколку чувствителни културни локации, како и за прв пат ќе зборува пред странски влади во нивните земји. Неговиот претходник, папата Франциск, планирал слични посети, но поради слабото здравје не можеше да ги реализира.
Прво Турција:
Од 27 до 30 ноември, Лав XIV ќе ја посети Турција, каде ќе има средби со екуменскиот патријарх Вартоломеј во Истанбул. За време на посетата ќе се одбележат 1700 години од важниот Никејски собор во Изник, кој го поставил темелот на христијанската религија. Овој настан е важен знак за обнова на врските меѓу католицизмот и православието.
Папата ќе го посети и знаменитата Плава џамија во Истанбул, што ќе биде негов прв посета на џамија како папа, а исто така ќе одржи миса во истанбулската сала „Volkswagen“ за околу 5000 посетители.
Потоа Либан:
Во Либан, каде христијаните сочинуваат значителен дел од населението, Папата ќе се помоли на местото на хемиската експлозија во пристаништето во Бејрут од 2020 година, при што загинаа 200 луѓе и беше предизвикана огромна материјална штета. Лав XIV ќе води и меѓурелигиски средби и миса на отворено на крајбрежјето на Бејрут, посета која е симбол на солидарност и поддршка за народот погоден од кризи и конфликти.
Посетата на Папата има големо значење за светската јавност, бидејќи се фокусира на клучни прашања како мир, хуманитарни потреби и меѓурелигиски дијалог во нестабилен регион.
