Папата Лав XIV денес се сели во Апостолската палата во која папата Франциск одби да живее

Папата Лав XIV, поглавар на 1,4 милијарди римокатолици во светот, денес заедно со своите најблиски соработници и персонал се сели во официјалната папска резиденција во Апостолската палата, соопшти портпаролот на Ватикан, Матео Бруни.

Апостолската палата гледа кон плоштадот Свети Петар и беше празна од 2013 година.

Претходникот на Лав, папата Франциск, кој почина во април минатата година, одби да живее во палатата и наместо тоа ја избра гостинската зграда Домот Света Марта, која се наоѓа во Ватикан недалеку од базиликата Свети Петар, како своја официјална резиденција.

Папата Франциск намерно одлучи да не живее во папскиот апартман во Апостолската палата за да го нагласи својот скромен начин на живот и потребата да се избегне изолацијата што често се поврзува со животот во папската палата.

Станот бил во лоша состојба
Бидејќи со години бил празен, апартманот бил прилично запуштен. Италијанските медиуми објавија дека во него имало мувла, оштетувања од вода, како и застарени водоводни и електрични инсталации, а и покривот протекувал.

Работите за обновување траеле неколку месеци. Во тој период папата Лав живеел во истиот стан што го користел како кардинал, кој се наоѓа во зградата каде е сместен Дикастериумот за доктрината на верата.

Враќање кон традицијата
Набргу по изборот на 8 мај, Лав – роден како Роберт Франсис Превост во Чикаго – јасно стави до знаење дека има намера да живее во Апостолската палата, како што правеле претходните папи.

Општо земено, папата Лав нагласи дека се залага за зачувување на традицијата. За разлика од папата Франциск, тој се појавува и во поформална и потрадиционална папска облека.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни