Папа Лав го критикува Трамп: Европа мора да биде клучен играч во мировните напори за Украина

Папа Лав предупредува дека ниту еден мировен план за Украина не може да биде реален без европска улога, критикувајќи ги сигналите од администрацијата на Доналд Трамп и предупредувајќи на ризик од слабеење на европско-американското сојузништво.

Папа Лав вчера изјави пред новинарите, по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, дека Европа мора да има централна улога во напорите за запирање на војната во Украина и предупреди дека секој мировен план што ја занемарува европската улога е нереалистичен.

„Војната е во Европа“, рече Папата Лав, нагласувајќи дека европските земји мора да бидат дел од безбедносните гаранции. Тој коментираше дека тоа не го разбираат сите, но инсистираше дека Европа мора да биде вклучена во сите преговори за завршување на речиси четиригодишниот конфликт.

„Врските меѓу САД и Европа се клучни“

Неговите изјави звучеа како критика на американскиот претседател Доналд Трамп, чија администрација во почетокот го исклучуваше европскиот придонес при поставувањето на рамката за преговори со Москва.

Запрашан за планот на Трамп, Папата рече дека не сака да го коментира. Призна дека го нема прочитано целиот документ, но она што го видел претставува голема промена во однос на вистинското сојузништво меѓу Европа и САД кое постоело со децении.

Папата Лав предупреди дека неодамнешните пораки упатени кон Европа носат ризик од слабеење на врските што остануваат клучни. „Мислам дека се обидуваат да разделат нешто што според мене треба да биде многу важно сојузништво денес и во иднина“, рече тој.

„Се надевам дека ќе го посетам Киев“

На прашање за можната посета на Киев, Папата рече дека се надева дека ќе се реализира. Додаде дека не знае кога би било тоа и дека треба да се биде реален. „Можеби ќе се случи“, наведе тој.

Изјавите на американските функционери ја нарушија поствоената претпоставка за стабилно европско-северноамериканско сојузништво. Новиот документ на американската Национална стратегија за безбедност предупредува дека Европа мора да го смени правецот или ризикува „бришење“.

„Тие се слаби“, изјави Трамп за Politico, мислејќи на европските политички лидери. „Сакаат да бидат политички коректни. Не знаат што да прават“, додаде тој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни