„Забавно ми е да снимам филмови, но не и да зборувам за нив,“ призна со својата препознатлива иронија, најавувајќи дека следните деведесет минути нема да бидат обичен разговор. И навистина – беа мешавина од хумор, мудрост и длабока меланхолија.
Магијата на илузијата
За Сорентино, филмот никогаш не бил за зомбија или катастрофи – туку за луѓето, за нивните чувства, за невидливите битки што ги носат во себе. „Филмот е како маѓионичарство,“ рече. „Не е магија, туку трикови – светло, музика, камера, глумци. Но, тие трикови не ги учиш од книга. Тие мораш да ги почувствуваш.“
Овој пристап го доведе до врвот на светската кинематографија. Од „Вишок човек“ (2001), кој веднаш беше избран за Венецијанскиот фестивал, па преку „Ова мора да биде вистинското место“ и „Младост“, до култната „Големата убавина“, филмот со кој освои „Оскар“, „Златен глобус“ и БАФТА. А тука се и ТВ сериите „Младиот папа“ и „Новиот папа“, како и неговиот најнов бисер „Партенопе“, кој во Кан ја претстави убавината и проклетството на Неапол.

Болката како извор на уметноста
„Сета уметност е резултат на болка и патење,“ изјави Сорентино, објаснувајќи зошто во Источна Европа се чувствува „како дома“. Таа тага, рече тој, е универзална нишка што ги поврзува луѓето и ги обликува уметничките дела што оставаат трага во срцето.
Од своите почетоци – кога депресивен 18-годишник од Неапол посегнал по првата книга за филмска уметност – до денес, Сорентино останува верен на својата филозофија: не брка планови, не трча по цели. „Седам дома и не правам ништо, сè додека нешто не стане моја опсесија. Дури тогаш снимам.“
Со шармантна искреност призна дека снима брзо, користејќи по две или три камери, единствено затоа што сака да заврши порано и да се врати дома – да чита, да слуша музика или да гледа фудбал. „Продуцентите ме сакаат затоа што им штедам пари,“ се пошегува тој, „а јас само сакам да одам дома.“
Иако вели дека филмовите не ги сака толку многу како книгите или музиката, токму преку филмот успева да ја претвори болката во спектакл. Неговиот филм „Божјата рака“ е посвета на Диего Марадона и магијата на шоуто што овој бог на фудбалот му ја подари на Неапол – град каде убавината и суровоста се судираат во вечен танц.
Несoвршеноста како совршенство
Најомилениот филм на Сорентино е неговиот „Див“, а меѓу туѓите – „8 и пол“ на Фелини. „Филмот мора да биде несовршен, како животот,“ рече, објаснувајќи дека токму во заморот, па потоа во изненадувачката убавина, се крие вистинската магија.
Со секоја своја реченица, Сорентино во Сараево потсети дека уметноста не е бегство од реалноста, туку начин да ја разбереме. Болката, тагата, несовршеноста – тие се материјалот од кој се гради убавината на филмот. А можеби и на животот.