Патување низ боите: Што ни откриваат Pantone нијансите на годината?

Од нежни розови тонови до храбри ултравиолетови вибрации — ретроспектива на боите што ја одбележаа последната деценија и најавија нови културни и естетски трендови.
Pantone одобројување за боја на годината
Photo: Pantone

Додека светот со нетрпение ја очекува новата нијанса што Pantone ќе ја прогласи како „Боја на годината 2026“, вреди да направиме чекор назад и да го разгледаме патувањето низ највлијателните тонови во изминатата деценија. Боите никогаш не се само визуелен избор — тие се културни симболи, психолошки пораки, економски индикатори и огледало на нашите колективни надежи и стравови.

Pantone, како највлијателниот светски авторитет за боја, секоја година истражува глобални трендови во уметноста, модата, технологијата, дизајнот на ентериер, филмската индустрија и дури и во социјалните движења. Боите што ги избира не се случајни – тие се одговор на светската атмосфера.

Ретроспектива на боите на годината: 2016–2025

Во 2016 година, светот се смири во тоновите Rose Quartz & Serenity – првата година кога беа избрани две бои истовремено. Комбинацијата беше порака за рамнотежа, емотивна нежност и потреба од хармонија во период на глобални тензии.

2017 година ни ја донесе Greenery, свежа, енергична нијанса која симболизираше нов почеток. Година подоцна, Ultra Violet понуди мистична, футуристичка длабочина, инспирирајќи ја поп-културата, дигиталната уметност и модата.

Во 2019 година, Living Coral беше одговор на дигиталната замореност – топла, човечка нијанса која повика на поврзување. За разлика од неа, 2020 беше година на смиреност и стабилност со Classic Blue, боја која го најави периодот на промени што ќе уследи со глобалната пандемија.

Пандемијата продолжи да влијае врз изборот на бои. Во 2021 се избраа две нијанси: Ultimate Gray и Illuminating Yellow, симбол на издржливост и надеж. 2022 ја донесе Very Peri, динамичната слива-виолетова боја која ја рефлектираше дигиталната трансформација и растот на метаверзумот.

Во последните години, изборот стана уште поинтимен. Viva Magenta (2023) беше манифест на храброст и самодоверба. Peach Fuzz (2024) внесе нежност и човечка топлина, додека 2025 ја донесе Mocha Mousse што сеуште го држи вниманието на светот. За 2026 пак, се очекува нијанса што ќе ја отслика потребата за смиреност, баланс и природна естетика.

Што значи ова за 2026?

Иако Pantone сè уште не ја открил официјалната боја за 2026, анализата на трендовите укажува дека светот се движи кон тонови што нудат стабилност, органска естетика, редукција на стрес и поврзување со природата.

По години на глобални турбуленции, климатски предизвици, технолошка хипербрзина и инфо-перенаситеност, најавен е тренд на враќање кон земјени нијанси, пастелни зелени тонови и суптилни топли бои што симболизираат отпорност, смиреност и колективно заздравување.

Овој избор не е само естетика. Бојата на годината влијае врз модната индустрија, архитектурата, светот на убавината, брендирањето и дизајнот на производи. Таа станува дел од визуелната култура на секојдневието — од телефонските маски до мебелот, од истаграм трендовите до стилот на цела генерација.

Зошто ретроспективата е важна?

Боите раскажуваат приказни за нашето време. Ретроспективата покажува дека секоја година носи нов фокус – ментално здравје, одржливост, технолошка иднина, храброст, ранливост, па дури и револуција во чувствителноста. Кога ќе ја следиме оваа еволуција, полесно ги разбираме културните промени, трендовите и нашите сопствени визуелни навики.

И додека чекаме кој ќе биде тоналитетот на 2026, едно е сигурно: бојата што ќе ја обележи следната година повторно ќе биде одраз на нашата колективна потреба – било тоа да е мир, храброст или нешто сосема ново.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни