Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ свечено ќе биде отворен на 3 јуни во 20:30 часот во Музејот на современа уметност со изложбата „Панк супкултура социјализам архиви и фотографии од Словенија- голема архивска поставка што низ фотографија и документи го истражува словенечкото панк-движење од крајот на 1970-тите до средината на 1980-тите години.
Курирана од филозофката и теоретичарка Марина Гржиниќ, во соработка со Славчо Димитров, изложбата претставува ретка можност за домашната публика да се соочи со визуелната и политичката историја на супкултурниот отпор во поранешна Југославија.
Ова ќе биде петтото поставување на изложбата. По славното отворање во Grand Gallery на Цанкарјев дом во Љубљана, изложбата патуваше низ различни европски градови: Пфорцхајм, Грац/Лафелд, Нови Сад, а сега и во Скопје, со враќање во Словенија за изложба во Мурска Собота во 2025 година.
Фокусот на изложбата е на визуелната култура на словенечкиот панк од 1977 до средината на 1980-тите години – период на експлозивна алтернативна енергија, самоархивирање и отпор. Во МСУ изложбата е прилагодена на темите на сексуалност, супкултура и телесен перформанс и нагласува како фотографијата ја обликувала естетиката и политиката на панкот: документ на бунт, критика и самоизразување.
Преку архивски слики од концерти, протести и улични собири, се прикажува животот на една сцена што истовремено ги предизвикувала нормите и ја градела колективната меморија. Панкот во Словенија бил и форма на левичарски, просоцијалистички отпор – поврзан со работнички протести и ЛГБТ активизам.
Панкот отсекогаш бил тесно поврзан со работничките протести, играјќи улога на културен сојузник во борбата за правда и општествени промени. Од Југославија до денес, панк-бендовите ги поддржувале протестите со музика и јасна политичка порака. И денес, панк-елементите се препознаваат во современите работнички побуни како симбол на отпор, револт и активно учество против експлоатација и политичка апатија.
Д-р. Марина Гржиниќ, кураторка на изложбата, е главна научна соработничка во Институтот за философија ЗРЦ САЗУ и професорка на Академијата за ликовни уметности во Виена.
Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ ќе се одржи од 3 до 14 јуни во неколку културни институции во Скопје: МСУ Скопје, МКЦ, КСП Центар-Јадро и Театар Комедија.
Изложбата ПАНК. СУПКУЛТУРА. СОЦИЈАЛИЗАМ. АРХИВИ И ФОТОГОГРАФИЈА ОД СЛОВЕНИЈА. е поставена во соработка со Истражувачкиот центар при Словенечката академија на науките и уметностите и со поддршка од Цанкарјев дом, Министерството за култура на РС, Националниот музеј за современа историја на Словенија, Модерна галерија, Луминус и А.К.Т; од Пфорцхајм. Во Скопје, изложбата ја организира Коалиција МАРГИНИ во рамки на Викендот на гордоста Скопје 2025, во партнерство со МСУ и ЛГБТИ Центарот за поддршка.
Дополнителна поддршка доаѓа од ИЦ при САНУ, Словенија, д-р Ото Лутар и уметничкиот директор Јануш Чех. Фото: Синиша Лопојда. . .