Пореметувањата на пазарот на нафта и деривати во последните денови сè посилно ги погодуваат европските возачи, а сцените од бензинските пумпи во Словенија и Обединетото Кралство покажуваат колку брзо стравот од недостиг може да прерасне во секојдневен хаос.
Во Словенија, некои пумпи останувале без бензин, дизел и мазут, па граѓаните почнале да се потпираат и на апликацијата „Kje je gorivo“ („Каде има гориво“), за да не одат залудно до станици каде резервоарите веќе се празни. Во Обединетото Кралство, иако властите повторуваат дека нема општ недостиг, на социјалните мрежи се појавија снимки со наводно долги редици и панично купување, што покажува дека дел од јавноста не им верува на тие пораки.
Во Словенија, недостигот најпрво бил видлив преку повремено празнење на пумпите и долги редици, особено по корекциите на цените и зголемената побарувачка. Телевизијата 24ur известува дека на повеќе пумпи имало ограничувања при точење, дека возачите биле револтирани од редиците и дека гориво на некои места дури и снемало, додека дополнителен притисок создавале и гужвите на пумпите близу границата.
Посебно внимание привлече предупредувањето на земјоделците, кое го пренесува порталот Domovina. Во период кога започнуваат пролетните работи, словенечките фармери предупредиле дека на бројни пумпи недостига гориво за трактори и друга механизација.
Во текстот се наведува дека проблеми се појавувале „од Корошка до Козјанско, како и во Љубљана и на Доленско“, и дека купувачите на некои пумпи добивале одговор дека не се знае кога ќе пристигне нова испорака.
Domovina пишува дека некои земјоделци биле принудени да купуваат поскап обичен дизел наместо гориво наменето за земјоделска механизација, додека други се обидувале да направат сопствени залихи или размислувале за набавка на цистерни.
„Kje je gorivo“ – одговор на празните пумпи?
Вниманието на јавноста го привлече апликацијата „Kje je gorivo“, која граѓаните почнале да ја користат како мапа на преостанатите залихи. Нејзината цел е едноставна: возачите пред поаѓање да проверат на која пумпа сè уште можат да наполнат гориво и да избегнат непотребно возење до станици кои веќе се празни.
Истовремено, трговците и дел од властите се обидувале да ја смират ситуацијата. Petrol за 24ur тврдел дека снабдувањето на пазарот е стабилно и дека станува збор главно за логистички предизвици поради зголемената побарувачка, а не за целосен недостиг на гориво.
Британската влада се обидува да ја смири јавноста
Во Обединетото Кралство исто така има зголемена побарувачка на гориво како и низ целиот континент. Властите инсистираат дека нема општ недостиг и им порачуваат на возачите да „точат како и обично“.
Сепак, истовремено британската администрација разгледува вонредни мерки за намалување на потрошувачката на нафта, вклучувајќи пониски ограничувања на брзината, работа од дома, можни ограничувања при купување на пумпите, па дури и ноќно затворање на одредени станици доколку кризата дополнително се влоши.
Токму затоа на теренот владее нервоза. Британските медиуми бележат дека возачите веќе почнале да го менуваат однесувањето од страв од нови поскапувања и можни прекини во снабдувањето, додека експерти од AA и RAC јавно предупредуваат дека паничното купување само може да ја влоши ситуацијата.
The Independent наведува дека возачите треба да се одвратат од создавање залихи, но и дека загриженоста и гласините веќе доволно силно влијаат врз однесувањето на купувачите.
На социјалните мрежи почнале да кружат и видеа кои наводно прикажуваат огромни редици на пумпите.
Цените на горивото нагло пораснаа во светот
Во позадина на сè е силниот раст на цените на енергентите на светскиот пазар. Reuters наведува дека владите ширум светот воведуваат мерки за заштита на граѓаните од наглиот скок на трошоците за енергија предизвикан од војната против Иран.
Во Обединетото Кралство, според податоците што ги пренесува Guardian повикувајќи се на RAC, цените на бензинот од почетокот на кризата пораснале за околу 9%, а на дизелот за околу 17%, со проценки дека просечната цена на литар бензин би можела да достигне 150 пени до Велигден.
Токму тој глобален ценовен притисок ја објаснува и нервозата на пумпите: дури и таму каде што нема реален недостиг, стравот од утрешни повисоки цени веќе денес создава редици.