Во рамки на Конференцијата „Здравствени политики за сите“, учествуваа пратеници од Комисијата за здравство од Собранието на Република Северна Македонија, вклучувајќи ја претседателката на Комисијата, Рашела Мизрахи и пратениците Венко Филипче и Илир Хасани.
На панелот беше истакната важноста од континуирано зголемување на буџетот за превентивните програми, како и препознавање на граѓанските организации како значајни партнери во обезбедување на здравствени услуги, со цел подобрување на здравствената заштита за сите граѓани. Исто така, се дискутираше и за потребата од зајакнување на надзорната улога на Собранието.
Рашела Мизрахи, пратеничка на ВМРО ДПМНЕ и претседателка на Комисијата за здравство ја истакна потребата од создавање централизирана база на податоци за ефективно следење на имплементацијата на здравствените програми и состојбата на здравствениот систем. Мизрахи апелираше Собранието да преземе активна надзорна улога, со цел зголемување на транспарентноста и ефективноста на здравствениот систем.
Поранешниот министер за здравство, актуелен претседател и пратеник на СДСМ, Венко Филипче ги потенцираше предизвиците со достапноста на здравствените услуги за граѓаните, констатирајќи дека реформата во здравствениот сектор мора да биде мултисекторска. Тој додаде дека, имајќи предвид дека треба да се зголемува буџетот за превенција, опозицијата поднела амандман за зголемување на буџетот на програмата за ХИВ за 2025 година.
Илир Хасани пратеник на ДУИ и член на собраниската Комисија го акцентираше значењето на превентивните мерки како приоритет и истакна дека превенцијата треба да биде во центарот на здравствените политики, бидејќи на долг рок е исплатлива и за државата и за граѓаните.