Палестина на чекор до меѓународно признавање – Франција предводи, светот ја следи

Пресудата на Меѓународниот суд на правдата ја отвори вратата за меѓународно признавање на Палестина. Франција најави официјално признавање во септември 2025, додека и други западни сили размислуваат за сличен чекор.

По децении тензии, неуспешни мировни преговори и длабока хуманитарна криза во Појасот Газа, политичкиот ветар се менува и Палестина е со поблиску до меѓународно прознавање. Пресудата на Меѓународниот суд на правдата (ICJ), со која израелската окупација на палестинските територии се прогласува за нелегална, стана пресвртна точка во дипломатската борба за признавање на државноста на Палестина.

Историска пресуда со глобално влијание

Иако не е правно обврзувачка, пресудата носи морален и политички авторитет. Судот заклучи дека израелската контрола врз Западниот Брег, Источен Ерусалим и Појасот Газа е спротивна на меѓународното право. Државите се повикани да не ја поддржуваат окупацијата и да преземат конкретни чекори во поддршка на палестинското право на самоопределување.

Ова охрабри бројни земји да започнат формални процеси за признавање на Палестина – не само симболично, туку како политички притисок за нов мировен модел на Блискиот Исток.

Франција предводи – Признавање во септември

Како прва држава од Г7 што јавноста постави рок за признавање, Франција најави дека ќе ја признае Палестина во септември 2025, за време на Генералното собрание на ОН.

Претседателот Емануел Макрон изјави дека „дојде време Европа да не стои настрана“, и ги повика сојузниците да го следат примерот, во духот на меѓународното право.

Поддршка од Канада, Велика Британија и Австралија – со услови

Канада ќе го официјализира признавањето доколку Палестинската управа спроведе избори во 2026, без учество на Хамас, и ослободи израелски заложници. Велика Британија, под новата влада на Кир Стармер, вели дека признавањето ќе се случи доколку Израел го запре военото дејствување во Газа, ја дозволи хуманитарната помош и се откаже од анексија на територии. Австралија изрази слична позиција, но без конкретен временски рок, поставувајќи предуслови за разоружување на Хамас и институционални реформи.

Над 140 држави веќе ја признаа Палестина

Кина, Индија, Бразил и Јужна Африка одамна го направија тој чекор. Во мај 2024, Шпанија, Норвешка, Ирска и Словенија се приклучија. Сега се очекува блокот на ЕУ и Г7 конечно да формира усогласен дипломатски фронт.

Иако не решава директно безбедносни и територијални прашања, признавањето на Палестина носи политичка легитимација на палестинската кауза, притисок врз Израел за ангажман во нови мировни преговори и јасна порака дека статус кво повеќе не е прифатлив

Историска позадина

Во 1947, ОН предложи поделба на Палестина на еврејска и арапска држава (Резолуција 181), но арапската страна го одби планот. Израел беше прогласен во 1948, со што започна првата арапско-израелска војна. Во 1967, Израел ги окупираше Газа, Западниот Брег и Источен Ерусалим. Во 1988, Палестинската ослободителна организација (ПЛО) прогласи симболична независност, која сè уште не е реализирана на терен.

Извор N1

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни