Од негрижа до свесно уништување
Според неформалната граѓанска иницијатива Охрид СОС, палењето на трските се случува како резултат на три клучни фактори: негрижа, недостаток на контрола и свесно уништување.
„Денешното население не гледа на Езерото како на жив организам кој треба да се почитува, туку како на ресурс кој може бесконечно да се злоупотребува. Недостасуваат едукативни програми и кампањи што ќе ја зголемат свеста за важноста на Охридското Езеро. Од друга страна, институциите не спроведуваат контрола, што овозможува ваквата практика да продолжи. Често, трската се пали за да се расчисти простор за земјоделско земјиште, плажи, угостителски објекти или кампови“, велат од Охрид СОС.

Сличен став има и Д-р Соња Трајановска, научен советник од Хидробиолошкиот институт во Охрид, која истакнува дека палењето на трските е резултат на комбинација од ниска свест, недостаток на санкции и директни економски интереси.

„Неконтролираното палење ја уништува природната средина и го загрозува биодиверзитетот. Без разлика на причините, последиците од оваа практика се долгорочни и непоправливи. Решението мора да биде во насока на подигнување на јавната свест, зајакнување на регулативите и строга контрола“, додава Трајановска.
Криминал или традиција?
Некои оправдувања за палењето на трската се поврзани со „традиционални методи“ за управување со крајбрежјето, но експертите категорично ја отфрлаат оваа теза.
„Палењето на трската е незаконито. Дури и палењето на стрништа, кое често се користи како изговор, е казниво со закон. Наместо да се толерира како традиција, треба да се третира како еколошки криминал“, децидни се од Охрид СОС.
Трајановска дополнува дека секоја интервенција во појасот на трска мора да се темели на научни анализи и одлуки, а не на лични или економски интереси.

Институции без реакција
Проблемот со палењето на трската станува уште поголем поради институционалната неактивност. Според Охрид СОС, надлежните органи не преземаат конкретни мерки за спречување на оваа пракса.
„Инспекторатите не постапуваат навремено, а кога ќе постапат, тоа најчесто е против ‘непознат сторител’, без конкретни судски разрешници. Дури и кога ќе се констатира уништување, активностите продолжуваат без никакви последици за сторителите“, велат од организацијата.

Од Хидробиолошкиот институт истакнуваат дека тие редовно информираат релевантни институции за состојбата со трската, но нивните препораки често остануваат без конкретна реакција.
Потреба од итна акција
Палењето на трската во Охридското Езеро не смее да остане несанкционирано. За да се спречи оваа еколошка катастрофа, неопходно е да се преземат следниве мерки:

- Зголемување на јавната свест преку образовни програми и кампањи.
- Засилена контрола и санкции за оние што уништуваат природните ресурси.
- Вклучување на локалното население во заштитата на трската како витален дел од екосистемот.
- Поголема транспарентност и одговорност од страна на институциите.
Охридското Езеро е светско природно и културно богатство, и негрижата за неговата заштита може да доведе до непоправливи последици. Затоа, решенијата мора да бидат системски, брзи и ефективни.
Напрашањето: Доколку ситуацијата со палењето продолжи, дали постои ризик Охридско Езеро да загуби дел од својот УНЕСКО статус поради деградацијата на екосистемот?
Ги добивме следниве одговори:
Охрид СОС:
„Екосистемот на Охридското Езеро е веќе сериозно деградиран. УНЕСКО предупреди за точка од која нема враќање уште пред неколку години. Проблемот со нашиот светски уникатен екосистем е што тој е под многукратна закана, а уништувањето на трската е само една од нив. Она на што веќе одамна мораше итно да се работи е да се спречи натамошната деградација, а интензивно и посветено да се работи на обнова на загубеното. Колку повеќе го одлагаме почетокот, толку поневозможна станува регенерацијата на екосистемот на Охридското Езеро во некоја задоволителна состојба. Прашањето веќе не е дали Охридскиот Регион ќе го задржи статусот. Тоа за жал стана политичка одлука. Прашањето е дали сме ние достојни да негуваме УНЕСКО светско наследство?“

Д-р Соња Трајановска, Хидробиолошки институт:
„Да, трската е дел од природната уникатна вредност на Охридското Езеро и еден од чинителите кои допринесоа за добивање на статусот на УНЕСКО природно и културно наследство на Охридскиот регион. При секоја посета на Реактивната мисија на УНЕСКО, проблемот со палењето на трската е посочен како еден од клучните проблеми со кои директно се загрозува универзалната природна реткост на Охридскиот регион, а со самото тоа и статусот на Охридскиот регион како дел од наследството на УНЕСКО.“
Трн: Како може Ohrid SOS да направи поголем притисок за конечно да се забрани и санкционира палењето на трските? Дали сметате дека казните треба да бидат поригорозни?
Охрид СОС: Ohrid SOS постојано врши притисок, како со објави на нашите социјални мрежи, соопштенија до медиуми, така и со поднесување претставки до институциите. Сме покренале и иницијатива за појасот на трската да биде ставен под посебен режим на заштита. Меѓутоа кога институциите задолжени за заштитата не ја разбираат проблематиката со која треба да занимаваат, резултатот е тоа што го гледаме. Казните секако треба да бидат поригорозни и законите да се унапредат. Но, исто така треба соодветно да се санкционира, на пример, дали санкционирате само за палење на стрниште или пак за уништување на живеалишта и деградација на екосистем за што санкциите треба да се многу поголеми.

Трн: Како може Хидробиолошкиот завод да направи поголем притисок за конечно да се забрани и санкционира палењето на трските? Дали сметате дека казните треба да бидат поригорозни?
Соња: Хидробиолошки институт, како што е наведено во точка 4, активно е вклучен во мониторирање на состојбата со трската. Секоја јавна расправа, трибина, научен собир итн, ја користи за да укаже на важноста на појасот на трска, како бели дробови на езерото и исклучително важен хабитат. На агендата на институтот при секоја еколошка едукација на студенти и ученици кои го посетуваат институтот, значењето на трската и потребата од нејзина строга заштита имаат посебно место. Во минатото, стручни лица од Хидробиолошки институт активно допринесоа во проучување на појасот на трска и изработката на Студијата за управување со појасот на трската (Мапирање и управување со трската во Охридско езеро).