Пакт за иднината: ОН повторно покажаа дека кога меѓународната соработка е најпотребна, таа е најтешка

Генералното собрание на Обидентите Нации донесе амбициозен пакт што цели да ја направи организацијата порелевантна и поефективна на глобалната сцена во 21 век, во услови на зголемени критики поради неуспехот да ги запре војните и да ги повика на одговорност оние што ја прекршуваат нејзината повелба.
Фото: GPA Photo Archive/Flickr

Меѓутоа и со носењето на Пактот за иднината се покажа дека меѓународната соработка често е најтешка, токму кога е најпотребна.

На 22 и 23 септември, светските лидери се состанаа во Њујорк на Самитот на иднината на Обединетите нации. Агендата на состанокот беше исто толку амбициозна како што сугерира неговото име, со цел да се постигне консензус за мирот и безбедноста, развојот, новите технологии и заштитата на идните генерации.

Сите земји се согласија на едно: на мултилатералниот систем што беше воспоставен во 1945 година му требаат значителни надградби за да се соочи со денешните глобални кризи. Тие се многу свесни за неспособноста на ОН да ги запрат или дури и да ги забават војните во Судан, Централна Африка, Газа, Украина и десетина други конфликтни зони. Тие го признаваат нивниот неуспех да го подготват светот за следната пандемија, дури и откако беа сведоци на последиците од Ковид-19. Тие ја препознаваат потребата за брза, сериозна акција за справување со кризата на државните долгови, засилената климатска криза и појавата на нови технологии како што се вештачката интелигенција и уредувањето на гените.

 За жал, согласувањето завршува само на тоа дека треба да се поправи системот, но не продолжува и на идејата за како да се поправи.

Преговорите за Пактот за иднината завршија драматично во неделата наутро, бидејќи Русија протестираше за усвојувањето на финалниот документ. Подоцна истиот ден, Аргентина го осуди пактот како „тоталитарна агенда“. Во реалноста, документот во голема мера го повторува претходно договорениот, апстрактен јазик. Но, среде големите зборови, постојат знаци на трендови кои би можеле да ја преобличат глобалната политика и да помогнат во градењето на темелите за меѓународен систем кој е способен да одговори на сегашните и идните предизвици.

По двете светски војни и опасноста од нуклеарна ескалација, архитектите на ОН дизајнираа мултилатерален систем кој ќе им овозможи на неколку големи сили да го насочат светот кон мир и да ги унапредат своите интереси. Но, овој вид глобално владеење не е погодно за денешниот свет, а особено не за околу четири милијарди луѓе помлади од 30 години. Дури и во услови на континуиран конфликт на повеќе континенти, војната повеќе не е единствената точка на глобалната агенда . Пандемиите, климатските промени, сиромаштијата, масовната миграција и технолошките катастрофи бараат ефективна и инклузивна меѓународна акција.

Освен тоа, се зголеми и бројот на земји кои имаат доволно моќ за да  влијаат на светските работи. Подемот на Кина привлече најголемо внимание, но таа е далеку од единствената земја што ја обликува глобалната агенда: Барбадос се залага за реформа на меѓународниот финансиски систем, а Обединетите Арапски Емирати се обидоа да ги реконфигурираат регионалните односи. Бразил ќе биде домаќин на Г-20 оваа година и на Конференцијата на ОН за климатски промени (COP30) следната година.

Фото: United Nations Photo/Flickr

Изненадувачки, Пактот за иднината ја препознава оваа зголемена мултиполарност, веројатно со едиснтвениот конкретен, иако постепен, предлог за решавање на еден од најтешките проблеми на ОН: реформирање на Советот за безбедност. По децении лажни почетоци, земјите-членки го придвижуваат процесот напред со тоа што се согласија на поголема застапеност во Советот за „земјите во развој и малите и средните држави“. Пактот, исто така, ги обврзува земјите-членки да разговараат за ограничувањата на „опфатот и употребата“ на ветото што го имаат петте постојани членки на Советот за безбедност, решава да го третираат претставувањето на африканските земји како „посебен случај“ и одобрува активна улога на Генерално собрание кога Советот за безбедност нема да дејствува.

Друг тренд што се забележува е важната улога што ја играат компаниите, невладините организации, градовите и другите актери во справувањето со глобалните предизвици, формирајќи мрежи кои ги надополнуваат националните влади. Од климатските промени до вештачката интелигенција и дезинформациите, недржавните ентитети се повеќе ги обликуваат резултатите што се најважни за луѓето. Пактот за иднината ветува дека ќе ги „зајакне партнерствата“ низ „целото општество“, вклучувајќи ги локалните и регионалните власти, приватниот сектор, академските и научните заедници, религиозните групи и домородните народи. Глобалниот дигитален договор, договорен како додаток на пактот, ги идентификува приватниот сектор, истражувачите и граѓанското општество како „суштински“ за постигнување на неговите цели и се обврзува на соработка со повеќе засегнати страни.

И на крај, самитот прифати промена кон подолгорочно владеење. Климатските промени, пензиските шеми, инвестициите во инфраструктурата и другите долгорочни проблеми имаат причини и последици кои се развиваат во текот на многу генерации. Во Декларацијата за идните генерации, втор додаток на пактот, земјите ја потврдуваат својата посветеност да ги „заштитуваат потребите и интересите на идните генерации“, повторувајќи ја првата линија од Повелбата на ОН од 1945 година, во која нивните претходници ветија дека ќе ги „спасуваат следните генерации од злото на војната“.

Дали пактот има план како да го направи светот подобар?

Фото: Fars Media Corporation, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Не, баш. Како што често се случува со резолуциите и ветувањата на ОН, Пактот за иднината е преполн со високи цели и обврски, но е слаб со реални чекори што телото може да ги преземе за да ја спроведе сопствената визија.

Документот тврди дека нациите ќе го победат гладот, ќе ги решат глобалните празнини во финансирањето и инвестициите, ќе се обврзат на праведен мултилатерален трговски систем, ќе постигнат родова еднаквост, ќе ја заштитат животната средина и климата и ќе ги заштитат луѓето погодени од хуманитарни итни случаи. Но, нема насоки за тоа како ова ќе биде постигнато.

Бидејќи војната на Израел против Газа, руско-украинската војна и граѓанската војна во Судан продолжуваат да одземаат животи, пактот советува ОН да го поддржат Меѓународниот суд на правдата (МСП). Но, во време кога Израел јасно стави до знаење дека нема да дозволи судот на ОН да влијае на војната во која беа убиени повеќе од 41.000 луѓе во Газа, новиот пакт не објаснува како телото планира да ги убеди членките да ги почитуваат правилата.

Пактот дава ветување за ревитализација на обврските за разоружување на нуклеарното и биолошкото оружје, обновување на довербата во глобалните институции со тоа што ќе ги направи порепрезентативни и поодговорни и ќе ги промовира и штити човековите права, вклучително и преку борбата против расизмот и ксенофобијата. Повторно, ова се само ветувања во текстот.

Пактот на иднината додава дека сака да ја забрза реформата на меѓународната финансиска архитектура, да го зајакне одговорот на глобалните шокови и да ја подобри соработката за истражување на вселената и спречување на трка во вооружување таму. Но, многу од земјите што ја водат вселенската трка се и постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации со овластувања за вето што ги изолира од каква било значајна критика.

Со оглед на тоа што многу резолуции на ОН остануваат без внимание, пактот ветува дека ќе го „зајакне одговорот“ на Советот за безбедност на Обединетите нации и ќе ја „ревитализира“ работата на ОН, истовремено зајакнувајќи го целокупниот систем на ОН, вклучувајќи го Економскиот и социјалниот совет и Комисијата за градење мир. Како? Не се споменува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни