Крвава ноќ на границата, Пакистан удри врз Авганистан

Талибанците тврдат дека во пакистанските удари има загинати жени и деца, Исламабад вели дека целел терористички кампови долж границата.

Десетици лица загинаа или се повредени во пакистански прекугранични напади врз цели во Авганистан, соопштија талибанските власти во Кабул. Според нив, меѓу жртвите има и жени и деца.

Авганистанското Министерство за одбрана предупреди дека Пакистан ќе добие „соодветен одговор во соодветно време“, најавувајќи можна ескалација на тензиите меѓу двете соседни земји.

Од друга страна, владата во Исламабад потврди дека извела „селективни удари засновани на разузнавачки податоци“ врз, како што наведува, седум терористички кампови и засолништа долж границата со Авганистан.

Пакистанските власти тврдат дека нападите биле одговор на серија самоубиствени бомбашки напади во Пакистан, за кои одговорноста ја припишуваат на милитанти што дошле од авганистанска територија. Дел од нападите, според нив, биле извршени за време на муслиманскиот свет месец Рамазан.

Во официјалното соопштение се наведува дека постојат „убедливи докази“ дека нападите ги извеле припадници на таканаречените Хавариџ (термин што пакистанските власти го користат за пакистанските талибанци) кои делувале по инструкции од раководство со седиште во Авганистан.

Исламабад дополнително соопшти дека цел на операцијата биле структури поврзани со пакистанските талибанци и со Исламска држава – провинција Хорасан (ИС-К), во пограничните области.

Кабул, пак, повеќепати ги негираше обвинувањата дека дозволува милитанти да ја користат авганистанската територија за напади врз Пакистан.

Овие случувања дополнително ги влошуваат и онака кревките односи меѓу двете земји, каде што долгата и нестабилна граница често е сцена на вооружени инциденти и меѓусебни обвинувања за поддршка на милитантни групи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни