Најмалку девет деца и една жена биле убиени откако пакистанските сили ја бомбардирале куќата на локален жител во авганистанската провинција Кхост, изјави во вторникот портпаролот на авганистанските талибанци, Забихулах Муџахид.
Муџахид соопшти дека Пакистан извршил напади и врз провинциите Кунар и Пактика, при што биле повредени цивили. Нападот уследи само еден ден по двојниот самоубиствен напад во кој беа убиени тројца припадници на паравоени единици во Пешавар, Пакистан.
Пакистанската и авганистанската армија претходно се судрија во октомври, што беше најтешкиот вооружен инцидент од враќањето на талибанците на власт во Авганистан во 2021 година. Во тие судири загинаа десетици луѓе.
Двете страни потпишаа прекин на огнот во октомври во Доха, но мировните преговори во Турција пропаднаа поради несогласувања околу паравоени групи кои се непријателски настроени кон Пакистан и кои дејствуваат на авганистанска територија.
