Пакистан повика на неутрална истрага за убиството на индиски туристи

„Пакистан останува посветен на мирот, стабилноста и почитувањето на меѓународните норми, но нема да прави компромис кога станува збор за својот суверенитет“, изјави пакистанскиот министер за внатрешни работи Мохсин Накви.

Пакистан денеска повика на неутрална истрага за убиството на група претежно индиски туристи во областа Кашмир, за што Њу Делхи го обвини Исламабад, и истовремено соопшти дека е подготвен да соработува и дека се залага за мир.

Индија идентификуваше двајца од тројцата милитанти осомничени за нападот како државјани на Пакистан, иако Исламабад негираше каква било улога во инцидентот во кој во вторникот беа убиени 25 индиски туристи и еден Непалец, пренесе Ројтерс.

„Пакистан останува посветен на мирот, стабилноста и почитувањето на меѓународните норми, но нема да прави компромис кога станува збор за својот суверенитет“, изјави пакистанскиот министер за внатрешни работи Мохсин Накви.

Индискиот премиер Нарендра Моди вети дека ќе ги пронајде напаѓачите, дури и ако се кријат во најоддалечениот дел од светот, и рече дека ќе бидат казнети на „незамислив начин“.

По убиството на туристите, Индија и Пакистан презедоа низа мерки – Исламабад го затвори својот воздушен простор за индиските авиокомпании, а Њу Делхи го суспендираше договорот за води од 1960 година со кој се регулира поделбата на реката Инд и нејзините притоки.

Двете земји, кои двете тврдат дека имаат право на целата територија на Кашмир, повторно размениле оган преку граничната линија во областа по четири години релативен мир.

Индиската војска соопшти дека одговорила на напади со малокалибарско оружје од позициите на пакистанската војска.

Во меѓувреме, индиските безбедносни сили продолжиле со потерата по осомничените, и уништиле куќи на најмалку петмина осомничени милитанти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни