Пакистанскиот министер за информации, Атаула Тарар, изјави дека земјата располага со веродостојни разузнавачки информации дека Индија планира воен напад во наредните 24 до 36 часа.
Оваа изјава доаѓа во време на зголемени тензии меѓу двете нуклеарно вооружени земји. Индија тврди дека пакистански елементи стојат зад нападот во индискиот Кашмир минатата недела, во кој беа убиени 26 лица. Исламабад ги негира обвинувањата и повика на неутрална истрага.
По нападот, двете држави преземаа серија чекори една против друга. Индија го стави во мирување клучниот Договор за водите на реката Инд, додека Пакистан го затвори својот воздушен простор за индиските авиокомпании.
„Пакистан има веродостојни разузнавачки податоци дека Индија планира воен напад користејќи го инцидентот во Пахалгам како лажен изговор“, изјави Тарар на мрежата X (поранешен Твитер).
Тој додаде: „Секој акт на агресија ќе биде пречекан со решителен одговор. Индија ќе биде целосно одговорна за сите сериозни последици во регионот.“
Индиското Министерство за надворешни работи сè уште не одговорило на барањето за коментар од страна на Reuters. Премиерот Нарендра Моди вети дека напаѓачите ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
И Индија (со мнозинско хинду население) и Пакистан (исламска држава) го сметаат Кашмир за своја територија. Обете држави контролираат само делови од регионот и воделе неколку војни околу Хималајската област.
Пакистанскиот министер за одбрана, Каваџа Мухамед Асиф, претходно изјави дека индиската воена интервенција е „неизбежна“. Пакистан е во состојба на висока борбена готовност, но, според Асиф, ќе употреби нуклеарно оружје само доколку „постои директна закана за нашето постоење“.